Судот одлучува за екстрадицијата на Морина, ќе ни се налути или Србија или Косово

455

Основниот кривичен суд во Скопје ќе одлучува дали Томор Морина ќе ѝ се екстрадира на Србија од каде преку Интерпол беше издадена потерница за него поради сомнение за учество во воени злосторства против цивилното население на Косово.

Морина во моментов се наоѓа во притвор одреден од скопскиот суд на 25 јули, откако беше уапсен.

– Судијата на претходна постапка, согласно Законските одредби, барањето ќе го испрати на мислење во надлежното обвинителство, а по добивање на мислењето судот ќе се произнесе и одговорот ќе го достави до Министерството за правда кое е надлежно во понатамошниот дел од постапката за екстрадиција – велат од судот.

Со овој случај Македонија се наоѓа помеѓу два огна – Србија – која бара екстрадиција и Косово – кое се противи нивниот државјанин да им биде предаден на српските власти.

Во случајот се вмешаа и лица од политичкиот врв во земјава кои се противат Морина да биде екстрадиран, а вицепремиерот Бујар Османи и заменик министерот во МВР, Агим Нухиу бараа и да го посетат, но судот не им дозволи.

Од судот попладнево информираа дека барање за посета пристигнало и од косовската амбасада во Скопје, кои согласно Закон, е одобрено.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...