Законот не го третира до крај прашањето дали Судот има право повторно да побара од Собранието да му биде одземен пратеничкиот имунитет на поранешниот собраниски спикер Трајко Вељаноски, вели претседателот на Кривичниот суд Иван Џолев.
– Колку што ми е мене познато во пракса повторни барања не сме испраќале. Но ќе седнеме сите судии заедно, ќе го прочитаме и ќе видиме кои се следните чекори што ќе ги преземеме – рече Џолев.
Во случајот со одземањето на имунитетот на поранешниот министер за земјоделство Љупчо Димовски, Џолев рече дека слушнав разни гласини дека „еднаш одземен имунитет е одземен имунитет“ но, како што додаде, станува збор за различни постапки и во таа смисла нема одговор на прашањето.
Во врска со автентичните толкувања од Врховен суд, претседателот ка Кривичниот суд рече дека законот препознава како овластен тужител два субјекта – обвинителството и приватен тужител.
– Во таа смисла сметаме дека Обвинителството, без разлика дали е тоа Обвинителството за организиран кримилан или Специјалното јавно обвинителство се надлежни, но сепак се постапува внимателно за да не се наштети на постапката, се преземаат итни мерки како што налага Законот за кривична постапка – додае Џолев.