Основниот кривичен суд во Скопје во целост го објави решението со кое се казнува адвокатот Асмир Алиспајиќ за навреда на судијката Софија Лаличиќ, преку објава на својот Фејсбук профил, во која коментира случувања од главна расправа одржана на 4 септември 2019 година.
Од судот наведуваат дека, во однос на делумно објавеното решение од страна на адвокатот Асмир
Алиспаjиќ и барањето на одредени медиуми за став на судот околу истото, го објавуваат во целост анонимизираното решение со цел сите заинтересирани да можат да извршат увид и да се запознаат со причините за изречената неправосилна парична казна на која адвокатот има право на жалба.
Основниот суд Скопје како првостепен кривичен суд преку судијата Софија Лаличиќ како судија Претседател на советот, на ден 05.09.2019 година, согласно чл.88 ст.7 в.в. со ст.1 од ЗКП, донесе решение со кое се казнува бранителот на обвинетиот Е. М., адвокат Асмир Алиспајиќ од Скопје со парична казна во износ од 2.000 евра, во денарска противредност од 122.990,оо денари.
Паричната казна адвокат Асмир Алиспајиќ од Скопје е должен да ја плати во рок од 30 дена по правосилноста на решението.
– ОЈО Скопје до овој суд на 11.05.2018 година поднесе обвинителен акт КО2 бр…. од 11.05.2018 година против обвинетиот Е. М. од Скопје, за кривично дело Разбојништво од чл.247 ст.4 в.в. со ст.1 в.в. со чл.22 од Кривичниот законик.
По укинување на првостепената пресуда К.бр.1161/18, во повторената постапка судот закажа главна, јавна и усна расправа на 17.07.2019 година, така што до денес беа закажани 5 главни расправи и постапката е во фаза на доказна постапка.
Постапувајќи по наведениот кривичен предмет, на закажаната главна расправа на 04.09.2016 година, но и на претходно закажаните и одржани, бранителот на обвинетиот Е. М. адвокат Асмир Алиспајиќ од С. беше повеќе пати опоменат за несоодветно однесување во текот на расправата, како усно, така и на записник, а видно од записниците за текот на главните расправи. Откако на 04.09.2019 година во 15,00 часот расправата продолжи со поставен бранител по службена должност, бидејќи избраниот бранител адвокат Алиспајиќ не се јави на продолжението на главната расправа и не достави доказ за објективна спреченост да отсуствува од истата, поради што судот му постави на обвинетиот бранител по службена должност, обвинетиот го извести судот дека му го откажува полномошното на бранителот адвокат Алиспајиќ и за свој бранител го ополномоштува адвокат Ибраим Бајрами, кој во меѓувреме пристапи во судската сала, по што на барање на новоизбраниот бранител расправата се одложи.
На ден 04.09.2019 година во 20:01 часот адвокатот Асмир Алиспајиќ на својот Фејсбук профил објавил следна содржина „SWAROVSKI СОФИЈА ЛАЛИЧИЌ ДНО ОД СУДИЈА. Под итно РАЗРЕШУВАЊЕ“, со што го навреди судот, во смисла на чл.88 ст.1 од ЗКП.
Согласно чл.88 од ЗКП: „Судот ќе го казни со парична казна од 200 до 1.200 евра во денарска противвредност учесникот во постапката кој во поднесокот или усно, односно на друг начин го навреди судот или лицето кое учествува во постапката. Решението за казнување го донесува судот пред кој е дадена изјавата, а ако тоа е сторено во поднесокот, судот што треба да одлучи за поднесокот.“, а согласно став 7 од истиот член: „ако според ставот 1 на овој член навредата на судот и покрај изречената парична казна се повторува, судот може да изрече парична казна и до десеткратен износ од казната од ставот 1“.
Со оглед да бранителот на обвинетиот адвокат Асмир Алиспајиќ од Скопје, на главната расправа во повеќе наврати покажа непочитување кон судот, па откако судот го предупреди дека е недозволиво да се однесува на тој начин, особено по дадени повеќе усни опомени од страна на Претседателот на судечкиот совет, како и повеќе писмени опомени внесени на записник да не ги коментира несоодветно процесните одлуки на судот и да не прекинува додека се диктира записникот, да не вика, да не треска со рацете на судскиот пулт, истиот по завршување на главната расправа на својот Фејсбук профил објавил навредлива содржина за судот, како горецитирано.
Навредата беше изнесена по завршување на главната расправа, но несомнено во врска со превземните дејствија во текот на истата, ако се има предвид дека коментарот е ставен на 04.09.2019 година по завршување на главната расправа, на која му беше откажано полномошното на бранителот, па ако се има предвид дека избраниот бранител се уште нема доставено полномошно за застапување на обвинетиот Е. М., до кога бранителот адвокат Алиспајиќ е должен да превзема дејствија, а во смисла на одредбата од чл.76 ст.4 од ЗКП, бранителот адвокат Алиспајиќ, несомено преку својата објава ги коментира случувањата од главната расправа критичниот ден, а очигледно и претходно, кога судот ги констатираше и одбиваше обидите на одбраната за неосновано одолговлекување на кривичната постапка.
Како навредата кон судот се повторува, ако се има предвид дека бранителот адвокат Алиспајиќ и претходно е казнет поради навреда на судот во износ од 200 евра, за што беше донесено Решение К.бр.1161/18 од 12.09.2018 година, судот одлучи овој пат висината на казната да биде одмерена повисоко од предвидената во чл.88 ст.1, што како законска можност е предвидено во ст.7 од истиот член, па ако се има предвид вордингот кој бранителот го користи при повторното навредување на судот, му одмери казна како во диспозитивот на ова Решение.
Имајќи го предвид сето наведено, судот согласно чл.88 ст.7 в.в. со ст.1 од ЗКП одлучи како во диспозитивот на решението, се наведува во образложението на судското решение.