Судијката Кацарска одби да ја одложи расправата за крвавиот четврток

742

Судијката Добрила Кацарска го одби барањето на адвокатите на обвинетите за крвавиот четврток, расправата да биде прекината и побара недоразбирањата со Обвинителството да не одат преку судот, туку да се обидат да ги решат меѓу себе.

Адвокатите на обвинетите за насилствата во Собранието на 27 април приговараа дека Обвинителството за организиран криминал не ги доставило до нив сите докази.

Обвинителката Вилма Русковска кажа дека можно е да „се случила грешка“, но дека сите адвокати можат да дојдат во Обвинителството во кое било време и да ги земат записниците.

Адвокатот Љубен Арнаудов побара за обвинетите кои се во куќен притвор да има пауза за ручек, зашто денот им почнал уште во 6.30 часот кога тргнале од своите домови кон Скопје.

Обвинетиот Игор Југ на почетокот на судењето се изјасни дека е Хрват по националност.

Во судницата има лошо озвучување. Роднините прашаа дали се во штала или во судница, на што судијката Кацарска одговори дека судиите не се виновни за таквите услови.

Адвокатката Павлина Зефиќ побара да се раздвои постапката за 16 обвинети, со образложение дека обвинителката Русковска на им доставила записници од сослушани сведоци чии искази наводно биле во корист на обвинетите. Русковска побара адвокатката да каже кои се конкретно тие записници и праша како е можно Зефиќ да не ја видела содржината на записниците, а да знае дека се во корист на обвинетите.

– Слободно кажете кои докази не ви се доставени и ве молам без нервоза и тензија. Нема да добиете одлагање на расправата. Доставете до судот доказ дека сте барале докази, а не ви биле дадени, па судот ќе одлучи – рече Кацарска.

Додека трае судењето, пред зградата на судот ечат зурли и тапани. Десетици граѓани со транспаренти бараат правда и ослободување на обвинетите.

 

 

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...