Судијката Добрила Кацарска на денешното рочиште за набавката на мерцедесот го опомена поранешниот премиер Никола Груевски да го остави телефонот и да не пишува пораки зошто ако го види уште еднаш дека го користи ќе му го одземе.
Груевски рече дека не пишува пораки, а и на паузата тој и пријде на судијката за да и објасни дека не пишувал пораки.
По паузата продолжија да се сослушуваат сведоците на одбраната. Сведочеа и други возачи од обезбедувањето, како и едно лице од екипата за антитерористичка заштита на Груевски како тогашен премиер.
– За периодот од 2006 до 2011 додека работев во екипата за обезбедување на премиерот, јас лично сум управувал со блиндирано возило кое многу пати знаело да не остави на сред пат. Беа користени и за потребите на странските делегации. Тие возила што ни беа на располагање тој период делумно успеваа да ги задоволат потребите, но со некоја наша организација сме успевале или кога немаме избор сме правеле импровизација. На пример, на пат во некој од градовите во внатрешноста имаше ситуација додека се движиме на радио станица да добиеме инструкции јас како возач на првото возило во колоната да го следам возилото бидејќи главното возило, блиндораното е во дефект и ВИП личноста што ја обезбедуваме треба да премине во првото возило. Тоа сме го правеле повеќе пати. Не било обезбедено на потребниот начин. Во повеќе наврати баравме да се набават соодветни возила кои нема да се расипуваат – рече сведокот.
Во моментов сведочи осмиот од вкупно 11 сведоци.
На неколку од нив за поставување прашања се јавуваа и јавните обвинители кои прашуваа дали покрај мерцедес имало и други марки возила кои биле блиндирани бидејќи еден од сведоците кажа дека возел златен џип.
Сведоците одговараа дека постоел и џип, но тој не бил фабрички блиндиран, туку тоа го правеле дополнително. Џипот, како што рекоа сведоците, бил нестабилен, а го користеле за дежирства.