Судијата ја одби молбата на Груевски да не оди на робија за една недела

Според упатниот акт кој го доби судијата за извршување санкции, Груевски затворската казна треба да ја издржи во затворот во Шуто Оризари, каде треба да се јави наредната недела на 8 ноември.

2064
ФОТО: EPA/GEORGI LICOVSKI
ФОТО: EPA/GEORGI LICOVSKI

Молбата на екс премиерот Никола Груевски да се одложи издржувањето на затворската казна од две години за набавката на блиндираниот мерцедес, е одбиена. Тој бараше одложување од причина што е, како што наведе во молбата, неопходен во Собрание како пратеник и затоа што по докторатот пишува книга на тема од економијата.

– Судија за извршување санкции при Основниот Суд Скопје 1 – Скопје, постапувајќи по молба за одлагање на извршување на санкција определена со правосилна пресуда во предметот „Тенк“, донесе решение со кое ја одби молбата. Решението на судија за извршување санкции е испратено на странките во постапката кои имаат право на жалба против ова решение во рок од 3 дена до Кривичниот совет – наведуваат од судот.

Екс премиерот сега има право да поднесе жалба до кривичниот совет во Основниот суд Скопје 1. Кривичниот совет е должен да се произнесе за жалбата во рок од три дена откако ќе ја добие.

Според упатниот акт кој го доби од судијата за извршување санкции, Груевски затворската казна треба да ја издржи во затворот во Шуто Оризари, каде треба да се јави наредната недела на 8 ноември.

За набавката на поранешниот премиер, осуден е и екс помошникот министер во МВР, Ѓоко Поповски, на 4 години и 6 месеци затвор. Тој веќе се наоѓа во притвор, а осуден е и во предметот „Триста“ на СЈО на деветгодишна затворска казна.

Шест години за мерцедесот доби и поранешната министерка Гордана Јанкулоска, меѓутоа пресудата за неа сѐ уште не е правосилна. Правосилна ќе биде откако за тоа ќе се произнесе Апелациониот суд каде Јанкулоска наредните денови треба да ја поднесе жалбата. И да стане правосилна, таа нема да заврши зад решетки сѐ додека нејзиното бебе не наполни една година.

ФОТО: EPA/GEORGI LICOVSKI

 

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...