Судијата Владимир Панчевски, кој е поранешен претседател на Кривичниот суд во Скопје, поднел кривични пријави против претседателката на Антикорупциска Билјана Ивановска и Софка Пејковска Дојчиновска, член на комисијата.
Пријавата следува откако антикорупционерите најавија дека ќе го испитуваат потеклото на имотот на петмина судии, меѓу кои и Панчевски.
„Двајца членови на Антикорупциска – претседателката Билјана Ивановска и членот Софка Пејовска Дојчиновска на самиот старт од нивната работа, поради својот не етички и непрофесионален однос, кршејки го законот по кој вршат дискрециони права, заработија кривична пријава! Нека ви е наздравје прес-конференцијата, да свикувате уште многу нови прес-конференции! За обвинителот Јовевски и неговите послушници поднесено со печат, но не се ни сомневам дека повторно ќе ја заташкаат работата, тоа е многу сигурно и многу веројатно од сите досегашни постапки на Јавното обвинителство и реформираните обвинители, да не гонат криминал како соучесници на власта! Бележиме и нижеме незаконитости, и лажни правосудни реформи, ова е примерот за борба против корупцијата, еден ден народот ќе им суди!“, напиша Панчевски на Фејсбук.