„Силна Европа во светот полн со предизвици“, е слоганот што Хрватска го избра за нејзиното шестмесечно претседавање со ЕУ. Големи предизвици кои се остро изразени и во самата Унија.
Факт е всушност дека на ЕУ ни најмалку не и недостасуваат сериозни предизвици кои предизвикуваат конфликтни моменти и оддалечување на ставовите. Разидувањата околу проширувањето, кои резултираа со блокада на преговорите со Македонија и Албанија, се несомнено јасна потврда за тоа – како прашање околу кое дискусијата за расчистување на маглата е најмногу заглавена.
Но тие разидувања, кои често доаѓаат до израз во Советот на ЕУ или на Самитите на ЕУ лидерите, често се проследени и со остра поларизација и на внатрешен план во одделни земји. Голем број членки ја доживуваат ЕУ како своја најголема надворешно-политичка и безбедносна арена. Како што, на пример, министерката за надворешни работи на Шведска, Ан Линде, која деновиве, презентирајќи ја својата надворешно-политичка декларација во шведскиот Парламент-Риксдаг, чувствуваше потреба да подвлече дека Шведска „целосно ќе учествува во ЕУ-соработката“.
Во својата декларација Ан Линде потенцираше дека Шведска цврсто стои зад амбицијата да продолжи проширувањето на ЕУ, со тоа што Македонија и Алабанија би добиле можност да ги започнат преговорите за членство. Конзервативната опозициска партија на Модератите се согласува со таквата определба. Нештата звучат поинаку кога своите ставови ги изнесува екстремно десничарската партија Шведски демократи, кои засега се изолирани во парламентот, без договор за соработка со останатите парламентарни партии. Но најновите сондажи покажуваат дека најголема партија меѓу шведските избирачи моментно се токму Шведските демократи, кои добиваат повеќе симпатии дури и од традиционално најголемата шведска партија, социјалдемократите.
Шведските демократи, од своите националистички позиции, иако веќе не се залагаат за „Swexit“ и референдум за излегување од ЕУ, се противат на проширувањето. Тие се во основа силно негативни кон Унијата со гледиште дека е пројект на „западно либералните глобалисти“ кои сакаат да ги уништат националните држави. Слични размислувања и отпори кон ЕУ-проширувањето се присутни и во редовите на другите екстремно десничарски партии во Европа, вклучувајќи ја и острата реторика од која се мотивираат приврзаниците на Марин Лепен во Франција.
Токму затоа, се чини дека како најзначјно прашање што се наметнува пред ЕУ е како во „светот на предизвици“ да дејствува појасно и поефикасно, а што создава несигурност кога подготвеноста за акција треба да се комбинира со тековниот процес на проширување.
Станува сѐ потешко да се закрпи ЕУ-буџетот по исчезнувањето на придонесот на Велика Британија, а амбициите едновремено одат на линија на зголемување на вложувањата во нови подрачја, на пример за борбата против климатските промени.
Но во дискусијата околу проширувањето едноставно не може да се заобиколи фактот дека тоа значи и незибежно распределување на ресурсите на поголем број земји. Како што тоа Макрон го објаснува, земјите кои апсолутно заговараат натамошно проширување во исто време се мошне резервирани кон потребите за зголемување на ЕУ-буџетот: „Некои сакаат сендвичот да биде сѐ поголем и поголем, но се спротивставуваат кога треба да се намачка повеќе путер“.
А еден од најгоолемите предизвици за Европа е токму усвојувањето на новиот буџет. Хрватска, заедно со другите нови членки, како и со Италија и Грција, се вбројува во групата која се нарекува „Пријатели на кохезијата“, група од 17 членки кои се спротивставуваат на кастрењето на буџетските средства од фондовите за поддршка на помалку развиените региони и на земјоделието. На спротивната страна се богатите западноевропски и скандинавски земји кои се спротивставуваат на зголемувањето на придонесите во буџетот со цел да се компензира одливот поради Брегзитот. Тие истапуваат со силни аргументи против, како што оценуваат, скапиот, неефикасен и некреативен европски буџет.
Ефектите од структурните фондови на Унијата, кога станува збор за распределбата кон посиромашните региони, се сомнителни. Грција најдолго добиваше најмногу средства, а постигнуваше најмалку. Напоредно, се развива дебата дали на членките кои не ја гарантираат независноста на правосудството и на другите демократски принципи би можело да им се укине доделувањето на средствата од ЕУ-фондовите. Острицата на критиката тука најмногу е насочена кон Полска и Унгарија.
Тие што посакуваат да добијат поголемо парче од сендвичот, сакаат ползата и добивката да ја задржат за себе, во сопствениот двор. Нивното движење е динамично најмногу до рабовите на сопствените државни меѓи.
Но на таков начин „пријателите“всушност ја поткопуваат заложбата за кохезија, го поткопуваат и разнишуваат европскиот политички пројект. „Најпосле Европа ќе се биде само пазар, но тогаш ќе нема солидарност и никаква политика за иднината“, предупредува францускиот претседател Макрон.
ЕУ има цела низа важни задачи пред себе. Но нема никакво сомнеие дека силните предизвици во Европа, и надминувањето на конфликтот околу суштинските цели на развојот на евроинтеграциите, ќе потрајат мошне подолго од полугодишното хрватско претседателство.