Последните измени и дополнувања на законите за судови и за судски совет не ги исполнија очекувањата на судиите, а во насока на ефективно реформирање на овој сектор, особено измените и дополнувањата кои ги регулираат статусните прашања, односно дисциплинската одговорност на судиите и основите за разрешување.
Тоа се наведува во заклучокот од вчерашната седница на Управниот одбор на Здружението на судии на РМ, на која биле разгледувани активностите поврзани со реформскиот процес на правосудниот сектор.
Како што е наведено во денешното соопштение од ЗСРМ, Управниот одбор смета дека овие измени не се во корелација со Стратегијата за реформа на правосудниот сектор за период 2017 – 2022 година и изразената определбата за реален инклузивен пристап на судиите во овој процес.
– Во тој контекст, Управниот одбор на Здружението на судиите ги повикува и охрабрува Владата и опозицијата, да преземат законодавни активности кои во прв план ќе ги стават интересите на судиите, притоа креирајќи стабилни решенија кои ќе ја гарантираат судската независност и самостојност, а со цел обезбедување квалитетна и ефикасна правда за сите граѓани, стои во соопштението.
Управниот одбор на ЗСРМ ја поздравува посветеноста на парламентарното мнозинство и опозицијата да работат заедно на реформската агенда во правосудниот сектор, но смета дека во тоа приоритетни треба да бидат определбите за независно и самостојно судство, преку креирање стабилни механизми кои ќе го гарантираат тоа, притоа почитувајќи ги определбите на судиите изразени во повеќе документи доставени до Владата и останатите чинители на овој процес.
– Тргнувајки од Акцискиот план за имплементација на Стратегијата за реформа на правосудниот сектор 2017 – 2022 година, а притоа имајќи ја предвид целокупната проекција односно поставеност на овој процес, Управниот одбор на ЗСРМ изразува надеж дека идните активности ќе го рефлектираат реалниот инклузивен пристап на судиите, со видлив партиципативен ефект во креирањето на законската регулатива. Во оваа насока, ЗСРМ, постојано ќе ги евалуира ефектите од своето учеството во овој процес и соодветно ќе се позиционира кон него, се вели во соопштението