Судиите Панчевски и Вангеловски на распит во Обвинителството

880

Судиите Владимир Панчевски и Јово Вангеловски се повикани на распит во Основното обвинителство. Извори од таму за телевизијата Алсат брифираат дека поранешниот шеф на Кривичен и актуелниот претседател на Врховниот суд, треба да дадат изјави во врска со злоупотребите на АКМИС системот во судовите.

Паралелно со ова минатата недела двајцата обвинители кои работат овој случај биле во скопска единица. Прибирале податоци за функционираењето на АКМИС – от, а обезбедените информации дополнително ќе ги анализираат. Официјална потврда од обвинителството за преземените чекори денеска немаше, со објаснување дека истрагата е сѐ уште во предистражна фаза.

И додека обвинителството истражува можни злоупотреби на системот кој овозможува електронска распределба на судските предмети, Врховниот суд потпиша нов договор за одржување на АКМИС – от. Фирмата Неоком од Скопје како единствена која се пријавила на тендерот, ќе го одржува системот во период од една година и за тоа ќе наплати 66 илјади евра. Поголем дел од парите ќе се потрошат на хардверско одржување на системот додека со преостанатите средства ќе се одржува софтверот.

Злоупотреби со функцинирањето на АКМИС системот во судовите нотираше комисија формирана од Министерството за правда. Проверката покажа дека околу 800 судски предмети биле поделени на рака, а не електронски. Сепак, во конечниот извештај на комисијата не се посочени конкретни имиња на судии кои биле на позиција во моментот кога се случувале манипулациите. Паралелно со редовното, истрага за можни злоупотреби на АКМИС – от води и Специјалното обвинителство. СЈО има сомнежи дека поранешниот претседател на Кривичен, судијата Владимир Панчевски, местел нивни предмети кај судии кои му биле од доверба. СЈО му ги одзеде компјутерите и телефоните. Панчевски пак, ја обвини специјалната обвинителка Катица Јанева за непрофесионално водење на истрагата и негираше дека манипулирал со АКМИС системот.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...