Судењето за „Титаник“ продолжува на 20 декември

92

Судењето за изборни нерегуларности „Титаник“ продолжува на 20 декември, откако на денешното рочиште беа сослушани сведоци за тоа дали и како донирале средатва и услуги за политичката кампања на ВМРО-ДПМНЕ во 2011 година.

Последни беа сослушани сведоците, кои во 2011 година биле управители на фимирите „Сиива“ и „МИК Свети Николе“. Тие одговараа на директни прашања од обвинителката Лиле Стефановска, за тоа дали фирмите давале услуги за кампањата на политичката партија ВМРО-ДПМНЕ во 2011 година и како ги наплаќале – дали директно или преку трети фирми.

Откако сведоците не можеа да се сетат на кого и како фактурирале, обвинителката им посочи и конкретни фирми за кои биле фактурирани услуги, меѓу кои и фирмата „Полиестердеј“.

Претходно, на предлог на Обвинителството како прв сведок беше сослушан Сеад Кочан, кој во 2011 година бил управител на „Трансмет”, кој рече дека не се сеќава, но мисли дека лично никогаш нема донирано средства за ниту една партија, па ниту за ВМРО-ДПМНЕ.

Прашан дали фирмата „Трансмет” на која тој бил управител била донатор на ВМРО-ДПМНЕ, Кочан рече дека фирмата никогаш не донирала средства на таа политичка партија.

Втор беше сослушан сведокот Здравко Кочишки, сопственик на фирма за изнајмување на аудио и визуелна опрема за настани, кој рече дека за изнајмување на ваква опрема во 2011 година не и фактурирале на политичката партија ВМРО-ДПМНЕ, но по проверка со Обвинителство било утврдено дека неговата фирма фактурирала за услуги на компанијата „Трансмет”.

Прашан како им било платено за изнајмената опрема на ВМРО-ДПМНЕ, сведокот рече дека не може да се сети за нешто пред девет години.

– Во консултација со вашите луѓе кога дојдоа кај нас во фирма и при проверка дали сме фактурирале на фирма „Трансмет“, испадна дека сме фактурирале – изјави сведокот Кочишки.

На прашање од одбраната како фактурирале за изнајмената опрема на СДСМ директно или преку трети фирми, сведокот рече дека не се сеќава.

На денешното рочиште требаше да биде сослушан и сведокот Логин Кочишки, но не беше обезбедено негово присуство.

Предметот се наоѓа во доказна постапка и го води судијата Осман Шабани, а застапник на обвинението е Лиле Стефанова.

Освен поранешниот премиер Никола Груевски, кој е во бегство, во „Титаник“ се обвинети и Кирил Божиновски, Миле Јанакиески, Гордана Јанкулоска, Билјана Бришкоска Бошковски, Илија Димовски, Мунир Пепиќ, Едмонд Темелко, Леко Ристоски, Кирил Тодоровски, Катерина Веловска, Станко Коруновски, Коста Марковски, Драгче Драгчески, Марјан Накевски, Гоце Јаневски, Џезми Ахмет, Роберт Давитков, Далибор Алешковиќ и Ленка Рашјаковска.

Тие се осомничени за злосторничко здружување, повреда на избирачкото право, повреда на слободата на определување на избирачите, поткуп при избори и гласање, уништување изборен материјал и злоупотреба на средства за финансирање изборна кампања.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...