Судења за „Таргет-Тврдина“ и „Тендери“

206

Во Кривичниот суд во Скопје за денеска се закажани нови рочишта за „Таргет-Тврдина“ и „Тендери“ на Специјалното јавно обвинителство.

Минатото рочиште за „Таргет-Тврдина“ беше одложено поради краткото време за доставување на барањето за спроведување на поранешниот директорот на УБК Сашо Мијалков од притвор.

Во „Таргет – Тврдина“ обвинети се поранешниот началник на Петтата управа во МВР Горан Грујевски и вработениот во УБК Никола Бошкоски, кои се во притвор во Грција, како и поранешната министерка за внатрешни работи Гордана Јанкулоска, поранешниот директорот на УБК Сашо Мијалков, шефот на кабинетот на Мијалков, Тони Јакимовски, Владимир Варелов од УБК и уште пет други лица од Управата.

Според обвинителниот акт, преку три системи за следење на комуникациите во УБК, во периодот од 2008 до 2015 година незаконски биле следени 4.286 телефонски броеви за кои воопшто не биле издадени судски наредби. Комуникацијата била следена пред да бидат издадени и по завршување на траењето на важноста на судските наредби на 1.541 број или вкупно 5.827 телефонски броеви. Прислушувани биле над 20 илјади граѓани.

Во Кривичниот суд рочиште треба да се одржи и за случајот „Тендери“, каде првообвинета е поранешната министерка за култура Елизабета Канческа Милевска за тендерот за извршување градежни работи во Музејот на македонската борба за државност и самостојност од проектот „Скопје 2014“. Случајот се наоѓа во доказна постапка.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...