Под влијание на продор на студена воздушна маса денеска и утре ќе биде облачно со врнежи од дожд, а на планините и во местата повисоки од 500 метри со врнежи од снег. Ќе дува силен северен ветер, кој на места ќе достигнува брзина и над 90 км/час.
Температурата ќе се движи од минус 4 до 10 степени. Во Скопје дожд и температура од 3 до 5 степени.
Дневната температура значително ќе се намали, на повеќе места ќе биде за околу 15 степени пониска во однос на вчерашната. Утре се очекува преодна стабилизација. Нови врнежи се очекуваат во четврток.
Сообраќајот на државните патишта се одвива непречено, по суви коловози додека на повисоките места се бележат на места влажни коловози.
Врнежи од дожд и снег се бележат на Попова Шапка, но во моментов не претставуваат пречка за одвивање на сообраќајот. Намалена видливост поради појава на магла од 40 – 50 метри има на Попова Шапка.