Студент од Сингапур кој живее во Лондон, на Фејсбук објави дека бил претепан на улицата Оксфорд поради коронавирусот. Тој рече дека поголема група на луѓе се нафрлила врз него, а како што напиша, еден од напаѓачите му рекол дека не го сака коронавирусот во својата земја.
„Еден од луѓето ми рече: Не го сакам твојот коронавирус во мојата земја. Ме удираше во главата, а јас бев покриен со крв која течеше од носот“, напиша Џонатан Мок.
Тој тврди дека лекарите му рекле оти има неколку фрактури на лицето и дека најверојатно треба да се оперира. Лондонската полиција потврди дека нападот се случил и дека во тек е истрага. Како што вели полицијата, се истражува расно мотивиран напад.