Младински образовен форум (МОФ) денеска ги промовираше клучните наоди од истражувањата „Студентски стандард во државните студентски домови“ и „Колку и за што троши финансиски средства Државниот студентски дом „Скопје“ – Скопје“ кои се во врска со квалитетот на домувањето и видот на трошоците за кои Државниот студентски дом „Скопје“ одвојува средства. Истражувањата се изработени од страна на искусни истражувачи, членови на Младински образовен форум.
„Долг период слушавме дека домовите имаат лоши услови и сега конечно имавме прилика да работиме во оваа област за да се потрудиме да ја подобриме состојбата во студентските домови.“ – сподели Мартина Илиевска, програмска координаторка во МОФ.
МОФ истражуваше и какви договори склучува ДСД и кои се трошоците на станарите. ДСД располага со годишен буџет од 3,5 милиони евра во просек за периодот 2014-2018, а тука меѓу другото спаѓаат и трошоците за храна и домување на сите станари.
Анализата ни покажа дека за храна за станарите се издвојуваат 15 отсто од вкупниот буџет, 28 отсто за плата на вработените и очигледно е дека ова не е правилна распределба. Па така, за подготовка на оброците на студентите се трошат 61 денар дневно за појадок, ручек и вечера во кои треба да се вклучат и млечни и месни производи, а пресметките ни покажаа дека за станарите во просек се обезбедува 1 банана месечно. Бројката на станари низ годините се намалува и тоа не е само поради масовното заминување на младите од нашата земја, туку и поради лошите услови во домовите. – Петар Барлаковски, програмски асистент во МОФ.
За МОФ беше значајно и како студентите ја перцепираат состојбата во која живеат во домовите и кои се нивните перцепции за корупција и учество во носење одлуки во рамки на домовите, па оттаму и потребата за анализа на студентскиот стандард.
– Најчестиот одговор на прашањето зошто се во студентски дом е затоа што е најевтино и станарите не би можеле да си дозволат друго сместување или затоа што немаат друг избор за сместување. Студентски стандард не е само соба во која може да се преспие, туку и простории за учење и простории за спортски и културни активности. 92 отсто од испитаниците никогаш не биле прашани што мислат и не учествувале во носење на одлуки кои ги засегаат во рамки на Студентскиот Дом „Скопје“. Немаме информации што работеле и во која област дејствувале советите на станари во периодот 2014-2018, иако знаеме дека постоеле како тела – сподели Јована Ѓорѓиовска, истражувач.
Истражувањето покажува дека 40 отсто од испитаниците забележале коруптивни дејства во рамки на Студентскиот дом „Скопје“, а повеќе од 30 отсто имале лично искуство со некое коруптивно дејство. Повеќе од 70 отсто од испитаниците не би учествувале во корупција или би им пречела корупцијата, но од друга страна 89% не знаат каде да ја пријават корупцијата доколку се сретнат со неа.