Една од најдобрите опции за подобрување на студентскиот стандард е можноста за платена студентска работа, покажа истражувањето „Колку и на што троши еден македонски студент?“ на Фондацијата Отворено општество – Македонија (ФООМ) кое претставува мапирање на трошоците на студентите кои студираат на државните универзитети во Македонија.
– Истражувањето, кое опфати 945 студенти од пет државни универзитети и беше спроведено од февруари до март оваа година, покажа дека месечните трошоци на еден студент изнесуваат 21.410 денари за студенти кои студираат со партиципација, а 22.435 за оние со кофинансирање, односно кои плаќаат школарина. Во овој износ се вклучени трошоци како партиципација, односно школарина, трошоци поврзани со факултетот, пари за секојдневен живот, превоз, домување, но и режимски трошоци – рекоа на денешната презентација на истражувањето.
Според истражувањето, за секојдневни трошоци студентите месечно располагаат просечно со 8.894 денари, износ кој претставува 36,3 отсто од просечната месечна нето плата од мај 2018 или 74,1 отсто од минималната месечна нето плата во државата. Од овие пари, според истражувањето, најмногу трошат на храна, алкохол и цигари, хигиена и медицински производи.
Според истражувањето, 48 отсто од студентите никогаш не одат на театар, 41 отсто не одат во кино.
Во поглед на изворот на средствата со кои располагаат студентите, како најзначаен извор на финансии ги означиле родителите / роднините (61,5 отсто), а потоа студентската стипендија (11,9 отсто).
– Финансиската моќ на родителите делумно влијаела при изборот на факултет кај 31.4 отсто од студентите – рече Виктор Стојковски од Здружението на млади аналитичари и истражувачи.
Александра Филипова од Младински образовен форум зборуваше за податоци добиени преку барањата за пристап до информации од јавен карактер.
– УКИМ нема донесено еден ценовник за сите факултети. На пример, студент на Правен нема исти трошоци со студент на Драмски. Студентите пријавуваат и корупција. Има многу проблеми кои мора да се решат, но не можеме да ги спомнеме сите иако имавме посебно истражување за корупцијата во минатото – посочи Филипова.
Професорот Борче Треновски од Економскиот факултет при УКИМ праша зошто толку студенти не одат на кино.
– Зошто е потребна дополнителна настава? Дали наставничкиот кадар не е добар? Има многу за истражување – додаде тој.
Мартина Илиевска од Младински образовен форум информира дека 38 отсто од студентите лани завршиле во навремен рок. Таа потсети на барањата и потребите на студентите:
– Стипендија на лица чии родители имаат ниски примања, бесплатен превоз имаат само студентите од Скопје, но не и од другите градови. А во Скопје бесплатниот превоз би требало да се продолжи во текот на целата година. Да ја има најавената студентска картичка, субвенционирање на оброци на студенти во бифе во универзитетот, бидејќи речиси на секој факултет цените не се баш достапни за сите. Да имаат право на одмор во државни одморалишта, соодветно практиканство, квалитетна храна во студентските домови…