Студентите од студентскиот дом „Стив Наумов“ од денеска имаат греење и топли радијатори, а од пред два дена и топла вода. Државниот студентски центар со помош на БЕГ ги санираше дефектите во внатрешната инсталација.
– Проблемот што се јави со греењето и топлата вода беше од техничка природа поради дотраена опрема. Студентските домови беа затекнати во катастрофална состојба со долг од над пет милиони евра од што се подмирени два милиони евра. Продолжуваме да ги намалуваме заостанатите долгови, а истовремено вложуваме во подобрување на условите во домовите – соопштија од Државен студентски дом „Скопје“-Скопје.
Велат дека проблемите се решаваат од корен, изразувајќи уверување дека условите за живот и учење на студентите во домовите ќе се подобруваат.
– Ќе започне и реновирање на кујната во „Гоце Делчев“, реконструкција на крововите во “Стив Наумов”, поставување видео надзор за обезбедување и поголема безбедност на студентите, како и реализација на јавни набавки на опрема по највисоки ИСО и ХАСАП стандарди. Наскоро ќе воведеме ново мени после повеќе од 15-тина години. Со тоа значително ќе се подобри исхраната со што решаваме уште еден голем проблем на студентите – истакнаа од Државен студентски дом „Скопје“-Скопје.