Ескалацијата на руско-украинското ривалство во Азовското Море води кон закана од воен судир. Киев најави дека во басенот ќе префрли оклопни артилериски орудија, какви што веќе беа забележани во пристаништето Бердијанск, со цел „заштита на своите пристаништа“, пишува московска „Независимаја Газета“.
Властите на непризнатата Доњецка Народна Република предупредуваат на можен упад на украинските сили во реонот на пристаништето Мариупољ. Американски експерти повикуваат на испраќање на сили на САД со цел да го „деблокираат“ Керченскиот Проток.
Доколку започне конфликт ќе настрадаат и руските траси за транспорт на стоки преку Азовското Море.
Русија и Украина до сега избегнуваа вооружени судири во Азовското Море и покрај важноста на ова подрачје и за Киев и за Москва. Ситуацијата меѓутоа може да се промени со зголемувањето на украинското воено присуство во Азовското Море, за што Киев доби јавна дипломатска поддршка од САД.
Кон крајот на минатата недела во пристаништето во украинскиот град Бердјанск беше распореден првиот украински оклопен брод „Ѓурза-М“, кој беше довлечкан со реморкер.
Според податоци на украинскиот Генералштаб и на командата на Воената морнарица, што ги пренесува „Украинскиот воен портал“, во најскоро време во водите на Азовското Море ќе бидат распоредени уште три мали артилериски чамци. До крајот на 2018 година Киев планира да изгради една база на Воената морнарица во реонот и во неа да распореди дивизион на воени бродови.
Украинскиот Совет за националната безбедност и одбрана донесе одлука за засилување на военото присуство во Азовското Море и да ги опреми единиците на крајбрежната одбрана со најнови современи ракетни оружја.
Ескалацијата на конфликтот од страна на Киев има очигледна дипломатска поддршка од САД. Кон крајот на август Стејт департентот официјално соопшти дека „САД ги осудуваат руските ограничувања на меѓународната поморска пловидба во Азовското Море и Керченскиот Проток“.
– Од април Русија задржала стотици трговски бродови, а само во последните седум недели запрела најмалку 16 бродови кои патувале кон украински пристаништа. Активностите на Русија за ограничување на движењето на бродовите по којзнае кој пат укажуваат дека продолжува кампањата чија цел е поткопување и дестабилизација на Украина и дека се занемаруваат меѓународните норми – соопшти Вашингтон.
„Независимија Газета“ предвидуваше ваков развој на настаните една недела пред соопштението на Стејт департментот. На истиот начин денес можеме да предвидиме дека е возможно да дојде до директен судир меѓу руски и украински воени морнари.
Новите украински воени бродови во Азовското Море се вооружени со по два автоматски топа од 30 милиметри, минофрлачи, митралези и противтенковски ракети.
Со договорот за правниот статус на Азовското Море и Керченскиот Проток од 2003 година, склучен меѓу Москва и Киев, овие територии се дефинирани како територијални води и на Русија и на Украина. Сега меѓутоа Киев се обидува да го поништи тој договор, да постави граница и да го укине статусот на Азовското Море како внатрешни територијални води.
Украинскиот министер за надворешни работи Павло Климкин минатиот вторник изјави дека Киев планира да го преразгледа статусот на Азовското Море без учество на Русија.
– Се обидуваме да ги насочиме нашите партнери кон целта Азовското Море да биде признато и политички и правно како обично територијално море – изјави Климкин. Според него, фундаменталната грешка е направена со тоа што во Азовското Море не било утврдена државната граница меѓу Украина и Русија.
Спорот околу поделбата на Азовското Море впрочем не е од денес. Уште пред 15 години тогашниот шеф на администрацијата на Кремљ, Александар Вољошин на брифинг со ограничен број украински новинари изјави дека Русија била подготвена да фрли атомска бомба врз тогаш спорниот остров Тузла, бидејќи претензиите на Киев кон островот биле пречка за решавање на спорот во азовскиот басен. Подоцна беше објавено дека тој се шегувал.
Водите на Азовското Море денес можат да станат сцена на воени судири и во случај на заострување на конфликтот меѓу Киев и Доњецката Народна Република. Според податоци на сепаратистите киевските безбедносни структури планираат да извршат три напади. Според властите на Доњецката Народна Република еден од нападите може да биде извршен врз селото Широкино крај Азовското Море. Доњецките сили веќе симулираа операции на спречување десант во азовскиот регион.
Руско-укрианскиот спор во Азовското Море може да биде повод за директно мешање на Американците.
– Москва има капацитети за десантни операции на украинското крајбрежје со цел да ги изолира Мариупољ и целото украинско крајбрежје до Одеса, смета постариот научен соработник на американскиот Совет за надворешна политика, Стивен Бланк.
Тој препорачува украинските сили да бидат опремени со противбродски ракети и радари. Покрај ова, американски експерти предлагаат во Азовското Море да бидат испратени единици на Воената морнарица на САД.
Заострувањето на конфликтот во овој регион предизвикува ризици и за руските пристаништа кои имаат значајна функција во транспортните врски. Минатата година транспортот на стоки преку руските пристаништа во азовско-црноморскиот басен се зголеми за десет отсто и достигна 270 милиони тони. Речиси 88 милиони тони од овие стоки минале низ пристаништата во Азовското Море.
ФОТО: EPA/SERGEY VAGANOV; EPA-EFE/SERGEY VAGANOV