Во центарот на Скопје (кај порта Буњаковец) утревечер (среда) во 19 часот, ќе биде отворена книжарницата на стрип-авторот и издавач Бруно Јовановски.
Новиот културен простор е наречен „Гладно срце“, a ќе има богата, оригинална и ретка понуда за посетителите – проза, поезија, есеистика, филозофија, историја на уметност и друго на еминентни писатели од македонскиот, од поранешниот ЈУ-простор и од англиското говорно подрачје. Но, во книжарницата ќе може да се најдат и стрипови од познати автори од светот, грамофонски плочи на легендарни групи и музичари и уметнички слики.
Бруно Јовановски, дипломец на графички дизајн на Европскиот универзитет во Скопје, во својата издавачка куќа „Црна хроника“ основана во 2013 година има објавено ексклузивни, светски стрип-изданија. Тој минатата година во април учествуваше на саемот во Луцерн, Швајцарија, како единствен претставник од Македонија. На неговиот штанд беа изложени стрипови на кои неговата „Црна хроника“ е прв издавач: Henriette Valium „Great success“, Mike Diana „Firebrat“, Nick Blinko „Pickmans model“, Foma Jaremetschuk „An art brut master revealed“ и Mike Diana „Boiled angel the first four“. Влијателното англиско списание за стрип-уметност „Outsider art rawvision“ (број 96) објави опширен приказ на шест страници за авторот и за книгата на Foma Jaremetschuk „An art brut master revealed“, текст напишан од професорот Colin Rhodes.