Страшевски со ново писмо до Џолев: Не се плашам од вашите закани

799

Јовица Страшевски, адвокат на поранешниот градоначалник на Општина Гази Баба, Тони Трајковски, не престанува да се допишува со Кривичниот суд и со Судскиот совет.

Попладнево тој испрати ново писмо адресирано до претседателот на Кривичен суд, Иван Џолев.

Дописот од Страшевски ви го пренесуваме интегрално:

Почитуван колега Џолев,

Водите и сте на чело на важна институција, а секој ден наместо Вие  да бидете први кои треба да го почитувате законот, вие секојдневно во брзање ги прекршувате законите. Секој ден сè повеќе и повеќе се заглавувате во вашите незаконски постапки. Ве почитувам како колега и топло Ви препорачувам да постапувате согласно законот, бидејќи така ќе биде најдобро за сите нас.

По неколкуте добронамерни укажувања со отворени писма преку медиумите, за жал сите ваши незаконски постапки ме натераа да повторно јавно ви се обратам.

Оваа прилика ја користам да укажам на уште една незаконска постапка која Вие ја направивте во текот на вчерашниот ден. Имено, и покрај тоа што немам сè уште добиено покана која се знае како според член 127 од ЗКП се доставува на бранител за закажано ново рочиште, во кој се опишани начините на достава, а и Тони Трајковски не ми го откажал полномошното како негов бранител, Вие по не знам кој пат го кршите законот и сте назначиле н езнам по кој закон и член друг бранител во постапката по службена должност. Ова е ПРЕСЕДАН во СУДСТВОТО. За ова прекршување на Законот покрај тоа што ја информирам целокупната македонска јавност ќе ја информирам исто така и меѓународната заедница, адвокатската комора која ја повикувам да изврши мониторинг над сè што се случува со адвокатите во Кривичен суд, бидејќи вакво самоволие не е видено во македонското судство досега.

Адвокатската комора мора и јавно ја повикувам да се изјасни, не може за секое барање на адвокатите Кривичен суд да поднесува барања за поведување на дисциплинска постапка против адвокатите, кое нешто е и јавна закана и заплашување врз нас. Адвокатската комора мора и треба да застане во одбрана на адвокатите.

Се поставува прашањето зошто молчи и Судскиот совет, зошто молчи МВР и Јавното обвинителство. До кога ќе дозволуваат да продолжи самоволието и кршењето на законите?

Вие може да назначите бранител по службена должност само ако ме имате уредно покането и  јас не сум се јавил на судење, или мојот клиент ми го откаже полномошното. Ниту едното ниту другото не е направено, бидејќи судењето е на 13.01.2020 година, а вие предвреме незаконски избрзавте и назначивте бранител по службена должност.

Да ве потсетам дека задолжителна одбрана е предвидена согласно член 74 од ЗКП и препорачувам да го прочитате членот.

  • Ако обвинетиот е нем, глув или неспособен самиот успешно да се брани или ако против него се води кривична постапка за кривично дело за кое во законот е пропишана казна доживотен затвор, мора да има бранител уште при првото испитување;
  • Обвинетиот мора да има бранител ако против него е определен притвор за времето додека трае притворот;
  • По поднесениот обвинителен акт поради кривично дело со закон е пропишана казна затвор од десет години или потешка казна затвор, обвинетиот мора да има бранител во времето на доставување на обвинителниот акт;
  • Во текот на постапката за преговарање и спогодување со обвинителот за признавање на вината, обвинетиот мора да има бранител;
  • Обвинетиот на кој му се суди во отсуство мора да има бранител веднаш по донесеното решение за судење во отсуство.

Ниту еден од наведените услови не е исполнет. Оттука легитимно се поставува прашањето врз основа на кој член од ЗКП или било кој друг член од било кој законски пропис во РСМ е назначен адвокат по службена должност на мојот клиент?

Дали на овој начин умислено се продолжува со дејствија на повреда на правата на обвинето лице? Дали имате желба јас да не учествувам во постапката па од брзање за тоа правите грешки? Јас, почитуван колега Џолев, нема да се откажам од оваа и од ниедна друга постапка и ќе ме има во Основниот кривичен суд во одбрана на правото секогаш.

Не се плашам од вашите директни закани и поднесени пријави имам чиста совест и законот е пред сите и над сите нас.

Во случајот Ласкарци трагично загинаа 16 луѓе, 16 млади животи на мои пријатели гостиварчани, ве прашувам што е поважен ТНТ од овој случај и од другите случаи кои ги одлагате? Зошто толку брзате и ги прекршувате законите само за ТНТ???

Сакам да Ве запрашам која е разликата и зошто различно постапувате со поротничките во предметот „Ласкарци“ и предметот „ТНТ“?

Дали и за ова адвокат ЈС ви вршеше притисок и констатиравте престанок на мандат на поротник во Ласкарци?

Законот е јасен, судија поротник може да биде избран до 60 годишна возраст, по кој член и по кој закон вие побаравте од РСС продолжување на мандат, и како тоа РСС ќе продолжи мандат на поротник кој има истечен мандат и наполнето 60 години.

Ја лажете јавноста, купувате време и Вие и претседателот на РСС.

Вашето барање до РСС е само купување на време и замајување на очите на јавноста, и како што вие поднесувате неаргументирани барања за поведување на дисциплинска постапка против мене и моите колеги, така и јас ви ветувам дека ќе понесам до РСС барање за поведување на постапка против вас за незаконито постапување и лажно поднесено незаконско барање за продолжување на мандат на судија поротник кое е спротивно на сите закони.

На крај, уште еднаш Ве повикувам на ТВ дуел да ги дискутираме овие теми или доколку не сте спремен за дуел Ве повикувам да се охрабрите да не се криете зад штурите соопштенија од Кривичниот суд и да излезете на прес конференција пред целокупната македонска јавност и да дадете одговор на моите прашања почнувајќи од тоа за 50-те милиони причини зошто ТНТ има посебен третман споредбено со останатите предмети кои се водат во Кривичниот совет.

Ви посакувам пријатен викенд и доколку сакате да ми врачите покана како што кажав и претходно, јас не се кријам, туку сум со мојата фамилија во Маврово која за мене е свето нешто, а како се доставува покана на бранител ви препорачувам прочитајте во член 127 од ЗКП.

ВРЕМЕТО Е ПОМОЌНО ОД СИТЕ НАС!!!

Со почит, Адвокат Јовица Страшевски

 

 

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...