Страшевски: Ова е невидено досега, во судница јавно сакаат да откријат податоци за здравјето на пациент

Податоците за здравствената состојба на граѓаните се под посебна заштита според Законот за заштита на личните податоци, а тоа значи дека со нивната злоупотреба и неовластено користење и откривање се кршат и останатите фундаментални човекови права, а не само правото на заштита на личните податоци.

724

Адвокатот Јовица Страшевски, бранител на обвинетиот поранешен градоначалник на Гази Баба Тони Трајковски предупредува дека во случајот ТНТ ќе се случи уште едно прекршување и непочитување на законите, откако Кривичниот суд побара лекарката која со медицинска белешка привремено го ослободи Трајковски од рочиштата за уривањето на „Космос“, в понеделник ќе треба во судница да објасни зошто поранешниот градоначалник не е во состојба да доаѓа на судењето.

Кривичниот суд побара лекарката јавно да ја образложи здравствената состојба на Трајковски кој неоамна беше натепан при прошетка во Скопје и причините за неговата спреченост да присуствува на судењето, откако завчера беше одложено рочиштето бидејќи според лекарската белешка доставена до судечкиот совет, се вели дека, тој треба да е на боледување 15 дена.

Со барањето на судот, адвокатот на Трајковски вели дека ќе се прекршат два закони – Законот за зашита на правата на пациентите и Законот за заштита на личните податоци.

– Податоците за здравствената состојба на пациентите никако не смеаат да се коментираат јавно, а тоа ќе се случи во судницата, откако беше побарано на рочиштето да дојде лекарката и да ја образложи здравствената состојба на мојот клиент. Ова досега е невидено, во судница јавно да се коментира нечија здравстена состојба – вели Страшевски во изјава за Плусинфо.

Податоците за здравствената состојба на граѓаните се под посебна заштита според Законот за заштита на личните податоци, а тоа значи дека со нивната злоупотреба и неовластено користење и откривање се кршат и останатите фундаментални човекови права, а не само правото на заштита на личните податоци.

Во членот (25) кој го регулира правото на доверливост во Законот за заштита на правата на пациентите се вели дека пациентот има право на доверливост (тајност) на личните и медицинските податоци, кои мора да се чуваат во тајност и после неговата смрт.

Податоците за пациентот можат да бидат откриени, ако пациентот даде писмена согласност, ако тие се неопходни за медицинска интервенција на пациентот во друга установа, за обработка пропишана со закон од страна на здравствената установа што обезбедува здравствени услуги на пациентот, ако се искористат во историски, научни, истражувачки или едукативни цели, и тоа под услов идентитетот на пациентот да не може да се открие.

„Откривањето на податоците се врши на начин и до степен до кој се остварува целта на откривањето на информацијата и се заштитува во најголема можна мера тајноста на податоците. Податоците за пациентот се чуваат во согласност со прописите за чување на професионална и деловна тајна како и за заштита на личните податоци“ се вели во законот.

И покрај јасно пропишаните забрани за јавно објавување на податоците за здравјето на граѓаните, Основниот кривичен суд Скопје вчера соопшти дека „ќе и овозможи на докторката јавно да ја образложи здравствената состојба на обвинетиот и причините за неговата спреченост да присуствува на судењето“.

„Заради интерес на медиумите кои го следат судењето за предметот „ТНТ” ја информираме јавноста дека за главната расправа насрочена на 20.01.2020 год. судот ја повика докторката – професор од овластената клиника која на обвинетиот Тони Трајковски му издаде медицинска документација дека истиот има здравствени проблеми и и не може да ја следи расправата. Со цел утврдување на фактичката состојба, доследно почитување на правата на странките во постапката, како и јавниот интерес за предметот, судот ќе и овозможи на докторката јавно да ја образложи здравствената состојба на обвинетиот и причините за неговата спреченост да присуствува на судењето, за што веќе има издадено соодветна докуемнтација”, се вели во соопштението на судот.

Предметот ТНТ го води судијата Огнен Ставрев, а застапник на обвинението е Бурим Рустеми. Првото рочиште за судењето за „ТНТ” се одржа на 24.01.2018 година, но поради истечен мандат на еден од членовите на судечкиот совет процесот ќе се повтори.

Во предметот „ТНТ” обвинети се поранешниот министерот за транспорт и врски Миле Јанакиески, поранешниот градоначалник на Гази Баба, Тони Трајковски, вработени во општина Гази Баба, како и поранешниот премиер Никола Груевски, кој е во бегство во Унгарија.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...