Стравот од корона нѐ мобилизира на хигиена, паниката нѐ парализира

Стравот, доколку е интензивен и особено доколку не е реален и доколку достигне степен на паника, ја намалува способноста на личноста за правилно и логично размислување и однесување. Доколу стравот се интензивира до степен на паника, со себе има и други манифестации - како срцебиење, препотување, забрзано дишење, а сево ова е многу непријатно и онеспособувачко, предупредува проф. д-р Арсова.

297

Аууу, корона се појави и кај нас! Да пиеме ли парацетамоли? Ќе се заразат ли многу граѓани? Државата да ги затвори аеродромите во Скопје и во Охрид за патниците од ризичните региони! Како можеа Кинезите толкави градови да стават во карантин. Еден до мене во автобус почна да кашла, не знам има ли корона, но се плашам дека и мене ќе ме фати…

Стравот од новиот вирус се појави кај сите нас, а се зголеми по потврдата за првиот заразен од пред три дена, 50-годишна скопјанка која влегла преку преминот Табановце во земјава. Само половина час по објавување на веста за првиот заболен од КОВИД-19, почнаа да празнат и рафтовите во продавниците во Скопје и другите градови. Претходно веќе снема маски и средства за дезинфекција од аптеките.

Психијатарот Славица Арсова од Универзитетската клиника за психијатрија во Скопје за Плусинфо појаснува колку стравот во оваа, но и во други ситуации е заштитен механизам кој позитивно влијае да се мобилизираме, но и дали и колку е негативен за луѓето.

– Стравот како базична емоција има заштитна функција, имено да нѐ заштити од различни видови опасности, ризици. Во оваа смисла на зборот, стравот не е штетен – напротив корисен е за личноста, поточно ја учи да се заштити од некои видови опасности. Во актуелнава ситуација која се случува во светот и во блиските региони со коронавирусот, постои реална ситуација која е загрижувачка и бара од нас поголемо внимание, но не и живот во страв. Ова подразбира будност, внимание, следење на здравствените препораки околу хигиено-диетскиот режим, но ќе повторам – не живот во страв и „паника“! – вели проф. д-р Арсова.

Гледаме дека во Италија, Словенија, но од пред три дена и од Македонија, граѓаните ги празнат продавниците и купуваат намирници и за неколку месеци. Дали сме поспокојни кога фрижидерот и шпајзот ни се преполни со храна? 

– Купувањето намирници, празнењето на маркетите е нерационално, односно неразумно однесување кое само дополнително го зголемува чувството на масовен страв и загрозеност.

Која е разликата меѓу стравот и паранојата во случаите како сега – да не заборавиме, коронавирусот е нов и смртоносен и навистина треба да сме претпазливи, но како да не „забегаме“ поради преголемиот страв?

– Стравот, доколку е интензивен и особено доколку не е реален и доколку истиот  достигне степен на паника, ја намалува способноста на личноста за правилно и логично размислување и однесување. Доколу стравот се интензивира до степен на паника, со себе има и други манифестации – како срцебиење, препотување, забрзано дишење, а сево ова е многу непријатно и онеспособувачко.

Што може да ни направат стравот и паниката?  

– Личностите кои доживуваат панични настапи се преплавени со интензивно чувство на страв кое не е врзано со реална опасна ситуација, а од друга страна, паничниот напад целосно ги онеспособува за уредно функционирање во социјалната средина. Овој тип на страв, може да кажеме дека не само што не е корисен, туку напротив е штетен за единката, бидејќи ги троши нејзините телесни и ментални сили. Во однос на претпазливоста од новата вирусна инфекција, важно е да се постапува разумно, со следење на здравствените препораки и водење уреден живот во насока на разновидна исхрана, спорт, редовен сон и релаксација, одржување на лична и општа хигиена – порачува проф. д-р Арсова.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...