Стопанската комора на Македонија оцени дека влијанието на политиката и политичките случувања врз економијата во земјата изминатите години било големо и смета дека компаниите треба да се остават да се пробиваат на пазарот единствено врз основа на квалитетот и конкурентноста на цените на нивните производи.
– Бизнис-заедницата во изминатите години констатира дека влијанието на политиката е големо и политичките случувања и одлуки оставаат големи траги врз и онака кревката македонска економија. Постигнатиот економски раст, со неговата структура, односно со структурните дисбаланси кои ги има, не ги обезбедува основните претпоставки за забрзан и стабилен одржлив развој. Едни од главните причини за ова се негативната просечна годишна стапка на БДП во изминатите три децении и трендот на деиндустријализација на економијата кој се бележи во истиот период, односно промената на пазарната состојба од производствена кон услужна дејност изразена преку процентуалното учество во БДП – наведуваат од Стопанската комора на Македонија.
Поради наведените причини, како што посочуваат, потребно е да се остави простор приватниот сектор во Република Македонија да се развива преку континуирано унапредување на својата конкурентност, продуктивност и иновативност.
– Потребно е компаниите да се пробиваат на пазарот единствено врз основа на квалитетот на нивните производи и конкурентноста на понудените цени – сите претпоставки и шпекулации во спротивна насока можат да предизвикаат сериозни штетни последици за конкурентноста на македонската економија на глобалните пазари. Македонската економија се стреми кон остварување на добрите европски практики и интегрирање на слободниот пазар, и истото може да биде направено единствено доколку се создадат реални услови приватниот сектор да работи независно од дневно-политичките случувања – оценуваат од оваа комора.
Стопанската комора на Македонија укажува на потребата доследно да се почитува законската регулатива во насока на оневозможување на какви било сомнителни ситуации, и на потребата доколку постојат сомневања, истите да се изнесуваат пред надлежните државни органи, со цел да бидат спроведени сите потребни дејствија во насока на нивно расчистување, без да се обременува јавноста, а и работењето на целиот приватен сектор.