Стопанска комора: Компаниите да аплицираат за мерките за поддршка на инвестициите

Мерките за поддршка кои ги предвидува овој Закон, за компаниите ќе значат можности да постигнат многу подобри резултати, да го прошират производниот асортиман, да го зголемат бројот на вработени лица и неколкукратно да ги зголемат и да ги прошират своите извозни потенцијали преку настап на странски пазари.

160

Стопанската комора ги повика компаниите да се подготват за поднесување барања за користење финансиска поддршка и да ги искористат можностите за обезбедување поддршка за зголемување на нивната конкурентност преку мерките кои ги овозможува Законот за финансиска поддршка на инвестициите.

Од Стопанската комората велат дека со усвојувањето на новиот Закон за финансиска поддршка на инвестициите, кој означува законски нормирана рамка за финализирање на иницијативата за поддршка на успешните македонски компании и зголемување на нивната конкурентност и инвестициска активност, се операционализираат дел од предлог-мерките кои оваа бизнис заедница ги предложи уште во 2010 година, систематизирани во предлогот на нов модел за забрзан економски развој.

– Мерките за поддршка кои ги предвидува овој Закон, за компаниите ќе значат можности да постигнат многу подобри резултати, да го прошират производниот асортиман, да го зголемат бројот на вработени лица и неколкукратно да ги зголемат и да ги прошират своите извозни потенцијали преку настап на странски пазари. Со овие мерки ќе се овозможат посилни повратни врски со странските директни инвестиции и повеќе ќе се стимулира извозот, кој е неопходен за да се постигне повисока стапка на економски раст и развој, преку обезбедување помош за унапредување на квалитетот, количествата и сигурноста на производите преку технички и менаџерски вештини, деловно планирање, пристап до капитал со зголемена технолошка и деловна софистицираност на домашните бизниси – појаснуваат од Стопанската комора.

Стопанската комора на Македонија ја поздравува иницијативата на Владата за законско нормирање на овој систем за поддршка на компаниите, но и конструктивноста на сите политички партии во Собранието на Република Македонија во насока на одблокирање на процесот на усвојување на законските решенија, кои се од интерес за економијата, и кои се очекува да го подобрат деловниот амбиент во државата.

– Во таа насока, Стопанската комора на Македонија ги повикува сите компании во Република Македонија да се подготват за поднесување барања за користење финансиска поддршка и да ги искористат можностите за обезбедување поддршка за зголемување на нивната конкурентност, согласно Законот за финансиска поддршка на инвестициите, кој вчера беше усвоен во Собранието – велат од Комората.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...