Стопанската комора на Македонија е задоволна што 182 компании аплицирале за мерките понудени во Законот за финансиска поддршка на инвестициите, но смета дека бројот на успешни компании кои инвестираат и на кои може да се потпре економскиот развој е далеку поголем.
– Не е лоша бројката од 182 компании, но е далеку од доволна. Има успешни компании кои спроведуваат инвестиции, остваруваат профити, имаат вработувања – рече Љупка Трајковска од Стопанската комора на Македонија.
Комората, додаде таа, ќе ја промовира потребата од дополнителни вложувања од страна на државата во бизнис секторот, а преку директни средби, ќе ги охрабрува успешните компании идните години да ја користат државната поддршка.
– Само со државна помош на големите, успешни компании може да се зголеми бројот на конкурентните, извозно-ориентирани производи што ќе ја придвижат економијата. Тоа е наша долгорочна цел за чие остварување во 2011 година предложивме низа мерки за промена на моделот за економски развој – вели Трајковска.
Според Комората, во изминатиот период е вршена деиндустријализација на економијата што неповолно се одразило на економскиот развој.
– Од 1992 до 2016 година двојно е намалено учеството на индустријата во создавањето БДП, од 32 на 15 отсто. За период пак од десет години 2006-2016 година речиси е преполовен бројот на конкурентни, извозни производи, од 675 на 461 – вели Трајковска.
Таа вели дека со Законот за финансиска поддршка на инвестициите со кој се преземени една до две мерки предложени од бизнис заедницата во 2011 година се прави чекор кон менување на состојбата.
– Законот потврдува дека постои јавно-приватен дијалог и партнерство. Во него се инкорпорирани сите наши укажувања, дефинирани уште пред десетина години. Само преку државна помош на бизнисот, може да се зголеми бројот на индустриските производи со конкурентска предност – додаде Трајковска.
Иако од Комората сметаат дека критериумите за распределба на парите со Законот за финансиска поддршка на инвестициите се јасни и транспарентни и ги опфаќаат компанииите од првиот и вториот столб на Планот за економски раст, сепак очекуваат пропустите обелоденети во јавноста по првата распределба на парите од државата во иднина да се отстранат.
– Овој закон предвидува еднаквост и транспарентност, но Комората претпочита доследно почитување на законите и да се разјаснат прашањата покренати деновиве во јавноста – вели Трајковска.
Таа најави посета на компаниите кои добиле пари од државата за да се потсетат дека треба доследно да го спроведат законот.