Столтенберг на свечениот прием во Собрание: Со нетрпение ве чекаме во НАТО ГАЛЕРИЈА

2481

Со свечен прием во Собранието, собранискиот спикер Талат Џафери вечерва им посака добредојде на генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг и на Северноатлантскиот совет на НАТО, кои од денеска се во дводневна посета на земјава.

Генералниот секретар Столтенберг ја предводи делегацијата од 29-те амбасадори на земјите членки на НАТО во Брисел.

На приемот што го приреди Џафери, присуствуваа и премиерот Зоран Заев, кој ја предводеше владината делегација, како и претставници од дипломатскиот кор во земјава.

– Свесни сме дека членството во НАТО е динамична категорија која носи многу предности и придобивки, но во исто време, налага и многу обврски. Зачувувањето на мирот и безбедноста на глобално ниво, справувањето со сите предизвици кои го загрозуваат мирот, почитувањето на човековите права и слободи, парламентарната демократија и владеењето на правото, сѐ се тоа вредности врз кои почива НАТО Алијансата и кои се обврска на секоја земја членка. Република Северна Македонија верува во овие принципи и во оваа пригода, сакам јавно да нагласам дека, како полноправна членка на НАТО, посветено и одговорно, како и досега, ќе продолжиме во остварувањето на овие темелни вредности и принципи кои не обединуваат со сите земји членки на НАТО – порача Џафери.

Генералниот секретар на НАТО и честиташе на земјата за успесите што ги постигна изминатиот период на патот кон евроатланските интеграции, за храброста и решителноста да го реши проблемот со името, кој ја кочеше премногу долго. Тој оцени дека придобивките за Македонија од зачленувањето во НАТО се веќе очигледни, инвестициите оваа година се зголемени за три пати, а нашата држава веќе учествуваше на состаноците на министрите за одбрана и за надворешни работи на земјите членки на НАТО, што се одржаа во февруари и во април оваа година.

– Нашата Алијанса се грижи за безбедноста на луѓето, но и за почитување на  нашите вредности – слобода, демократија и владеење на правото. Во 1949 година, министрите за надворешни работи од дванаесет земји го потпишаа Договорот од Вашингтон. Наскоро, кога процесот на вашето пристапување ќе биде завршен, со нетрпение ќе ја пречекам Северна Македонија како триесеттата членка на нашата Алијанса. И да го видам вашето знаме развеано пред нашето седиште во Брисел, како и во нашите мисии и операции насекаде низ светот – порача генералниот секретар на НАТО Столтенберг.

 

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...