Претседателот на Собранието Талат Џафери изрази голема благодарност до генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг за неговиот личен ангажман и поддршка на Република Македонија во добивањето покана за полноправно членство во НАТО на Самитот во Брисел, соопшти Собранието.
Тој истакнал дека Македонија посветено работи на исполнувањето на реформската агенда, преку годишните планови за членство, но и со усвојувањето на Стратегискиот одбранбен преглед, кој предвидува модернизација на Армијата и на целокупната одбрана на Македонија. Фокусот на активностите паралелно е насочен и во градењето и негувањето конструктивен дијалог со соседите и решавање на отворените прашања, како предуслов за индивидуален напредок, но и придонес кон регионалната стабилност.
– Претседателот на Собранието изрази надеж за успех на референдумот и очекување дека граѓаните ќе ја потврдат својата определба за членство на Република Македонија во Европската Унија и НАТО, бидејќи на референдумот треба да се гледа како на патоказ кон иднината, а не поглед во минатото. Во контекст на севкупните напори на Република Македонија да ја достигне целта – полноправна членка на НАТО Алијансата, голем придонес има и парламентарната димензија, за што сведочи одржувањето на успешниот Рос-Рот семинар во Скопје, непосредно пред Самитот на НАТО, стои во соопштението.
Генералниот секретар Столтенберг го поздрави потпишувањето на Договорот со Грција и ја подвлече натамошната поддршка на НАТО во исполнувањето на реформските процеси, а особено изрази задоволство од донесувањето на Стратегискиот одбранбен преглед. Тој нагласи дека за финализирање на процесот, е потребна ратификација во Парламентите на сите 29 земји членки на Алијансата, која ќе се реализира откако ќе бидат завршени сите обврски поврзани со имплементацијата на Договорот, односно донесувањето на уставните измени. Свесен е дека тоа се чувствителни прашања за двете држави, но верува во позитивното заокружување на овој процес. Тој истакна дека Алијансата не присилува ниедна држава да стане нејзина членка, таа ќе ја почитува суверената одлука на граѓаните на претстојниот референдум, позитивна или негативна, но предочи дека влегувањето во Алијансата секогаш носи големи придобивки за граѓаните, не само од безбедносен аспект, туку и економски бенефит, пораст на странските инвестиции и долгорочна општествена стабилност.