Лидерот на Српската демократска странка Иван Стоиљковиќ, во пресрет на големиот српски празник Свети Сава, во интервју за порталот Лидер, изјави дека владата слабо води сметка за правата на 50.000 Срби во Македонија.
„Во наредниот период, било која влада во Република Македонија, доколку не води сметка на остварувањето на тие политички интереси на српската заедница во Република Македонија, нема да може да смета на гласовите на Србите во Македонија. Да ве потсетам, во република Македонија живеат околу 50.000 Срби”, изјави Стоиљковиќ за Лидер.
Националниот празник на Србите во Македонија оваа година ќе се одбележи со повеќе манифестации во Тетово, Кумановo, Битола и вечерва во Скопје, во Македонскиот народен театар. На централната манифестација, Светосавската акаедмија, ќе се обрати техничкиот премиер Оливер Спасовски, а ќе присуствуваат делегациии од Србија и од Република Српска. Највисок гостин е членот на Претседателството на Босна и Херцеговина, Милорад Додик.
Денеска Додик ќе се сретне со претседателот Стево Пендаровски, а потоа, на Светосавската академија, ќе му биде доделена Светосавска повелба за „значаен придонес во афирмацијата на српското национално прашање во регионот и за значаен придонес за заштита на Србите и српската култура и традиција во Северна Македонија”.