Капитенот на европскиот ракометен шампион Вардар, по денешната жрепка за Ф4 турнирот во Келн на крајот од мај, го прокоментира француски Монпелје, тимот кој „црвено-црните“ го добија на патот кон финалето.
– Имав некое чудно чувство дека ќе добиеме француски тим, не знам зошто – започна на шега Стоилов.
Тој додаде дека немал некои посебни желби за противникот, бидејќи сите екипи се многу добри.
– Лани не бевме фаворити, но за нас излезе многу добро. Сега го браниме трофејот и чувството е поинакво, имаме поголема обврска и мора да играме како шампиони. Немав очекувања за противникот бидејќи сите се добри екипи. Мислам дека кога си на Ф4, сите имаат 25 отсто шанса за победа. Кажав и лани, ќе повторам и сега, сите имаат шанса за победа, изјави Стоилов веднаш по жребот.
Завршниот турнир од Лигата на шампионите во Келн ќе се одржи на 26 и 27 мај. Саатниците за полуфиналето се 15:15 и 18:00 часот, но подоцна ќе се дознае кој ќе игра прв.