Министерството за правда вчера по неколку денови соопшти дека ги прифаќа трите принципи од ВМРО-ДПМНЕ кои што беа поставени како основа врз која што ќе се разговара во креирањето на текстот на законот за јавно обвинителство, изјави портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ, Наум Стоилковски.
Според него, добро е што министерството вчера признало дека ги прескокнало сите меѓународни документи кои водат до современо, непартиско, отчетно и храбро Јавно обвинителство, кое би работело во заштита на граѓаните врз база на почитување на човековите права.
– Со прифаќањето на трите принципи поставени од ВМРО-ДПМНЕ, Зоран Заев и Рената Тренеска Дескоска признаа дека не се работи за злоупотреби од страна на опозицијата, туку напротив, за нивна злоупотреба од позиција на моќ кон носење на закон кој што не доликува на европска држава и закон врз кој што би се градело обвинителство во служба на извршната власт. Овој закон мора да биде донесен со консензус со опозицијата и за него е невозможна трговија ниту пак откажување од било кој од трите наведени принципи – рече Стоилковски.
Тој додаде дека е добро што Заев и Дескоска повеќе не бегаат од барањата за политичка независност на обвинителството, ниту од избор на Јавниот обвинител по предлог на опозицијата.
– Добро е што Заев и Дескоска повеќе не бегаат од Анкетна комисија која што ќе ги испита сите афери во рамките на СЈО и начинот на кој што актуелниот состав истроши десетици милиони евра, ниту пак од формирање на тело- на посебно одделение за следење на европската регулатива и прецедентното право на Европскиот суд за човекови права. Министерството за правда преку соопштение ја призна грешката, останува во следните денови власта и во разговорите да ја ефектуира декларативната заложба за вистинско долготрајно законско решение за Јавното обвинителство во Република Македонија – потенцира Стоилковски.