За маестралната претстава „Бегалка“ од Васил Иљоски во Куманово се бара место повеќе. Претставата е во изведба на кумановскиот театар, а премиерно беше прикажана на 15 октомври на затворањето на 22-то издание на меѓународниот театарски фестивал „Денови на комедија“ во Центарот за култура „Трајко Прокопиев“ во Куманово.
Два дена подоцна, на 17 октомври, беше првата реприза која, исто така, беше изведена пред преполна сала. Ниту едно од 270 места не беше празно, а нема да остане ниту за наредните изведби.
Поради големиот интерес, засега договорени се уште две изведби во текот на ноември. Од Центарот за култура во Куманово велат дека иако датумите сè уште не се потврдени, уште од сега интересот е огромен и се бара билет повеќе.
Кумановци последен пат имаа можност да ја видат „Бегалка“ во 1971 година. По речиси пет децении, таа повторно е на репертоарот, но е прилагодена на денешното модерно време. Кумановските актери ја подготвуваа со посебен ентузијазам бидејќи имаа и посебен повод – 500 години љубилеј на Куманово.
Режисер на претставата е Ѓорги Ризевски, а во неа играат: Тони Михајловски, Сања Русевска, Марко Трајковиќ, Александра Михајловска, Нина Максимова, Антонио Димитриевски, Дубравка Киселички, Владо Дојчиноски, Жарко Јовановиќ, Мирослав Петковиќ и Љупчо Хаџи Стојанов.
Костимограф е Кети Стевковска Пауновска, сценограф Крсто Богојевски, а кореограф е Дени Синадиновски.