Наташа Скендерова е една од добитничките на стипендиите за постдипломски студии во Грција што ги доделуваат ОКТА и Хеленик петролеум. Таа студира на Универзитетот во Пиреја кој е еден од најпрестижните универзитети во Грција.
– Стипендијата за постдипломски студии од ОКТА и Хеленик петролеум пред сè ми претставува огромна чест и мотив за натамошен развој. Преку програмата „Енергетика: Стратегија, право и економија“ го дополнив техничкото познавање на енергетските системи од три поинакви аспекти. Покрај динамичната настава, ми беа овозможени едукативни посети на највисоките економски институции како Светската банка и Меѓународниот монетарен фонд, интернационални конференции, предавања од експерти и семинари.
Што точно покрива стипендијата?
– Стипендијата целосно ја покрива школарината и месечните трошoци за сместување, превоз и храна. Финансиската помош му овозможува на студентот да ја насочи целата своја енергија кон студиите и во целост да се фокусира на академските предизвици.
Вие сте дипломиран машински инженер на Машинскиот факултет во Скопје. Во која насока го продолживте образованието во Грција и дали ви се исполнети очекувањата што ги имавте од студиската програма?
– Со оглед на тоа што на Машинскиот факултет во Скопје дипломирав на насоката „Енергетика и екологија“, техничкиот аспект на енергетиката го дополнив со економски, стратешки и правни аспекти, кои се неопходни за сеопфатна анализа и проценка на енергетски проекти, практики или закони. Програмата ги надмина моите очекувања. Поттикната од извонредните професори, во текот на магистерските студии, посебно внимание посветив на економската страна на енергетиката и планирам, по завршувањето на студиите, да ја развивам мојата професионална кариера во тој правец.
Околу осум месеци живеете во Атина. Кажете ни нешто повеќе за животот во градот. Дали нуди интересни и соодветни содржини за студенти?
– Атина е спој на богата историја и модерен космополитски град. Иако е огромен град, има посебен дух и уште првиот ден направи да се чувствувам добредојдена. Во Атина има огромен број странски студенти и студентските заедници се многу активни. Посети на музеи, еднодневни екскурзии, ноќни пешачки тури, и мултикултурни забави се само дел од активностите кои им се нудат на студентите.
Какви ви се плановите во однос на професионалната кариера?
– Започнав со пишување на мојата магистерска теза на тема: „Ефектите од реформирањето на рафинерии преку GCAM модел“. Истовремено, настојувам да го продлабочам моето знаење во областа на енергетиката со цел да изградам кариера како енергетски аналитичар.
Стипендијата и трошоците за живот во Атина ви се овозможени од ОКТА и Хеленик петролеум. Дали сметате дека поддршката на младите образовани луѓе е добра пракса и корпоративна политика?
– Многубројните стипендии, донации и остварени проекти сведочат за посветеноста и општествената одговорност на ОКТА и на Хеленик петролеум. Сметам дека инвестирањето и помагањето на младите и нивното образование е најдобриот начин за придонес во општеството. Искуството кое ми беше овозможено е од огромно значење, потполно ми го смени животот и гледиштата на енергетските политики, како и перспективите за понатамошен развој.