Според американскиот Стејт департмент, Албанија и понатаму останува земја лидер во перење пари. Во извештајот за 2017 година се наведува дека Албанија сѐ уште е во значителен ризик од перење пари, голема корупција и слаби институции.
Како главни извори на „валканите пари“ се споменуваат недозволената трговија со дрога, даночно затајување, криумчарење и трговија со луѓе.
– Изградбата, посебно во крајбрежните области, деловните проекти и коцкањето, се најпопуларните методи за перење пари во Албанија – се констатира во извештајот.
Исто така, се наведува дека албанските институции не се ефикасни во борбата против перењето пари, што дава можност во оваа земја лесно да се перат пари.
Албанија, како што се наведва во извештајот, се врати на „перење пари“ земја каде се забележува раст на трговија со дрога и економски криминал, а Стејт департментот ја повика официјална Тирана да ја засили борбата против перењето пари и одземањето на незаконски стекнатиот имот.
Реагирајќи на извештајот третата по бројност политичка партија во Албанија, Движењето за социјалистичка интеграција, оценува дека по овој извештај „албанскиот премиер е мртов“.
– Америка кажа. Премиерот ја претвори земјата во гигантска машина за перење пари од криминал. Премиерот до гуша е закопан во организиран криминал со што ја оцрни Албанија како земја во која криминалот ја зафатил политичката власт, Владата и економијата – изјави Петрит Васили, потпретседател на партијата, додавајќи оти дека поминало времето на премиерот (Еди Рама).