Стечајците со стаж под 15 години ги нема во новиот закон за материјално обезбедување

Има уште стечајци на кои не им е решено прашањето. Дел од нив имаат стаж под 15 години, а имаат поодмината возраст. Нема да престанеме да се залагаме и за овие луѓе да се најде решение, вели претседателката на „Унит“ Лилјана Георгиевска.

1487

Меѓу 1.000 и 2.000 стечајци ќе добијат материјална помош до пензионирање со новиот закон за материјално обезбедување на невработените лица поради приватизацијата на претпријатијата со доминантна сопственост на државата за кој денеска расправа Собранието. Но и овој закон, како што појаснуваат од Здружението на стечајци „Унит“, не го решава прашањето на сите стечајци во земјава. Останува да се реши уште проблемот со оние кои имаат под 15 години работен стаж и се помлади од 52 години (жени) и 55 години (мажи). Во оваа категорија можно е да припаѓаат околу 15.000 невработени.

– Досега со помош на државата го решивме проблемот на над 15.000 луѓе кои останаа без работа откако фирмите во државна сопственост отидоа во стечај. Но, има уште стечајци на кои не им е решено прашањето. Дел од нив имаат стаж под 15 години, а имаат поодмината возраст, но немаат 52 години. Нема да престанеме да се залагаме и за овие луѓе да се најде решение – вели претседателката на „Унит“ Лилјана Георгиевска.

Според неа, прво ќе се види колку од стечајците ќе добијат материјална помош со најновиот закон, а потоа ќе се планираат наредните активности за донесување на нов закон.

– Изборите малку ќе нѐ забават во нашето барање, но ние не се откажуваме иако дел од овие луѓе ќе стекнат и право за пензија во меѓувреме. Важно е да се реши неправдата кој им е направена во текот на сите изминати години, во кои самите се обидуваат да опстанат – вели Георгиевска.

Вкупниот број стечајци кои работеле во државни компании кои поради приватизација останале без работа, според податоците на „Унит“ изнесува околу 33.000. Досега е решено прашањето на над 15.000 стечајци.

Анализата и на државните институции покажува дека со имплементација на досегашните закони за стечајци, останале голем број невработени кои ги исполнуваат сите услови, освен условот за непроменет матичен број на субјектот (ЕМБС) по приватизацијата, иако претпријатието со променет матичен број произлегло од претпријатието кое било во доминантна државна сопственост.

„Кај одделен број невработени лица датумот на престанокот е пред 1 јануари 1995 година и после 31 декември 2018 година и од тие причини не го оствариле правото на паричен надоместок по престанок на работниот однос“ се вели во образложението на новиот закон за кој денеска расправаат пратениците.

Со новиот закон се овозможува материјално обезбедување на лица на кои им престанал работниот однос по основ на стечај, ликвидација или технолошки вишок, во периодот од 1 јануари 1993 до 30 јуни 2019 година во претпријатија со доминантна сопственост на државата или по нивна приватизација, доколку не го промениле единствениот матичен број на субјектот, а во случај на промена тие да произлегуваат од претпријатието со доминантна сопственост на државата.

Материјално ќе се обезбедат лицата кои со претходните законски решенија имале возраст помалку од 52 години (жена), односно 55 години (мажи), како и лица на кои им престанал работниот однос во периодот од 1 јануари 1993 година до 30 јуни 2019 година.

До крајот на годинава за материјално обезбедување на стечајците опфатени со новото законско решение се планира да се обезбедат 27.237.672 денари.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...