Стефанова: Јас не стравувам, за Јанева не знам, прашајте ја

2802

Обвинителката Лиле Стефанова, која го води предметот „Империја“ на СЈО, денеска заедно со нејзините колеги застана зад Ленче Ристоска која даваше изјава по повод актуелните случувања со аферата со рекет и евентуалната инволвираност на нивната шефица Катица Јанева.

Иако не им беше во план, на инсистирање на новинарите пред камерите освен Рисоска зборуваше и Стефанова, која доби прашање дали стравува таа лично и дали Катица Јанева треба да стравува.

– Не стравувам. Немам зошто да бидам инволвирана. Не знам дали специјалната обвинителка треба да стравува, тоа ќе ја прашате неа – рече Стефанова.

Токму нејзиниот случај „Империја“ беше отворен во ноември лани, кога и почнува периодот што го опфаќа вчера отворената истрага за примање награда и перење пари, каде осомничени се Бојан Јовановски – Боки 13 и Зоран Милески – Зоки Кичеец.

Стефанова, одговарајќи на новинарски прашања рече дека таа лично не потпишала ниту едно решение за пуштање од затворски во куќен притвор на ниту еден осомничен во „Империја“, ниту пак за враќање на пасошот на Цетан Панделевски. Според законот за СЈО, потенцираше таа, сите одлуки го потпишува Катица Јанева.

За оваа истрагата, Ристоска рече дека како и сите други ќе продолжи, а ако има докази за обвинетиот кој е сведок и пријавител во случајот што се отвори вчера, тој ќе добие обвинение во „Империја“, а ако не, истрагата за него ќе биде запрена.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...