Новата директорка на Универзитетската клиника за детски болести и фебрилни состојби, д-р Наташа Најденовска Алулоска, нема да ги остави лекарскиот мантил и стетоскопот настрана додека раководи со оваа јавна здравствена организација. Таа е педијатар неонатолог, а работи таму веќе 18 години, така што добро ги познава состојбите во овој „клинички центар во мало“ каде бебиња и деца до 18 години од целата земја се упатуваат за дијагностика и лекување.
Спасот таму го бараат и децата заболени од злокобни заболувања, како карцином, децата со ретки болести, а лекарите се грижат и за најмалите пациенти со дијабетес и со други хормонски нарушувања – низок и висок раст, недостиг или вишок на тестостерон и друго. На Детска се откриваат и лекуваат кардиолошки, бубрежни, невролошки и белодробни заболувања, анемии, гастроентеролошки и многу други дијагнози. На одделот за интензивна нега и неонатологија медицинските сестри и лекарите бдеат врз најмалите – недоносените бебиња, коишто од критична тежина од неполни 600 грама најчесто успеваат да ги израснат во „момчиња и девојчиња“ потешки од еден килограм. Кога ќе стасаат до два, веќе се и за дома.
– Сега се реновира одделението за онкологија, каде се сместени најтешко болните деца. Ние, вработените на оваа клиника ќе продолжиме со максимална грижа за овие и сите други наши пациенти. Благодарна сум што поддршката за функцијата ми ја дадоа колегите, но и родителите на пациентите. Се надевам дека ќе можам да дадам свој придонес во подобрувањето на работите на Детската клиника во однос на организацијата на работењето, од аспект на лекување на новороденчињата, квалитетна здравствена заштита на сите деца кои се лекуваат на Клиниката и од аспект на задоволни родители и персонал. Планирам да продолжам да работам како неонатолог – изјави д-р Алуловска на денешната средба со новинарите.
Таа додаде дека ќе се залага за воведување нови постапки и дијагностички и терапевтски процедури, а ќе го поддржи и развојот на Одделението за неонатологија, но и на сите други оддели на Клиниката, каде има потреба од доосовременување на протоколите на третман, просторниот и кадровскиот капацитет, доедукација и доопремување,
Голем е предизвикот и одговорноста, посочи таа и изрази надеж дека со мали чекори напред ќе може да се придвижуваат работите кон подобро.
Една од првите „битки“ што ќе треба да ги бие е за новиот буџет на Детската клиника, кој ќе се крои во декември, a таа ќе треба да издејствува добра „инфузија“ за да нема недостиг од лекови, медицински материјали и друго во оваа установа.
Најмалите пациенти коишто треба да примаат ампуларна или таблетарна терапија очекуваат таа да биде како во развиените европски земји, за што ќе биде неопходно што побрзо подновување на позитивната листа со лекови, која не е ревидирана неколку години.
А среќа да се лекуваат според најновите протоколи имаат децата со спинална мускулна атрофија, бидејќи на Клиниката пред неколку дена почна да се дава лекот „спинраза“ кој го добиваат 10-месечно бебе и уште шест деца.