Стекнати права

225

Логично, се наметнува прашањето: можеше ли да биде поинаку? Се разбира, и тие тези/аргументи не еднаш биле јавно пласирани, особено за системски погрешно поставената култура во државата, за можните (европски) модели што треба да се следат, за стратегијата „чекор по чекор“ со што сепак не би се нарушиле и „правата“ на власта/државата, итн. Меѓутоа, сето тоа завршувало со комплетно фијаско односно игнорирање. Зашто, кој би се согласил доброволно да се откаже од своите монополи? Не можам да се сетам на таков пример низ историјата – освен можеби „самоиницираниот“ распад на СССР, иако примерот не е баш најсоодветен! – државата да се саморазвласти себеси, да си ги кастри стекнатите права во разумен континуитет и слично. Таквите примери, и да ги има, се многу, многу ретки.

Кај нас пак, со перманентната кризна состојба низ којашто поминува македонското општество, а на којашто состојба, велат, уште не сме го виделе дното, државата/власта ги води нештата во сосема обратна насока: наместо развластување и/или осовременување на културниот концепт и целосна демократизација со забрзано темпо на проевропски реформи, ние имаме дури обратен процес на поставување на културата како монета за поткусурување во политичките/меѓупартиските игри, како влог во којшто нема пардон, особено во меѓуетничките односи, што пак само по себе води кон нови културни парадокси и катастрофи! Сакам да кажам дека македонскиот културен организам денес е така етно-политички испарцелисан што дури и кога државата би сакала да постави некакви нови „правила на играта“ – како што тоа беше со спомнуваната Национална стратегија за развој на културата – тоа речиси би било невозможно. Особено тука, имено, влегуваат во игра таканаречените „стекнати права“ коишто де факто немаат врска со имотно-правните односи, а сепак – имаат. Имаат врска со стекнати права по основ на некакви тајни политички договори според коишто, на пример, одделни културни институции припаѓаат на една политичка партија тоест таа го добила „правото“ да поставува свој раководен кадар во неа, без оглед на неговата стручност и компетентност за тоа место. И никој нема право на приговор!

Тоа пак, понатаму, се развива во „стекнато право“ на таа партија којашто таа ситуација ја користи во непрекинат континуитет од повеќе години, да не речам цела деценија, без оглед на резултатите. И повторно: никој нема право на приговор! Македонската култура познава десетици, ако не и повеќе такви примери кадешто овие стекнати права врз основ на некаков ступиден меѓупартиски договори буквално упропастувале цели институции. А тие „стекнати права“ се веќе јавна тајна, заради нив на одамна формализираните конкурси не се јавува речиси никој (освен „претплатникот“) а најмалку стручни луѓе од друга етничка припадност, институциите не само што целосно се партизираат туку и се етнизираат, многу често заради таквите „кадри“ институциите не само што стагнираат туку назадуваат, итн.

Македонските примери во оваа насока веќе преминуваат во хронична болест но, изгледа, што е поналудничаво, да не речам лудо, толку општеството побргу ги прифаќа таквите состојби. Кај нас стекнатите права значат дека одделни партиски пулени можат да залегнат по неколку мандати во една институција, да ја упропастуваат „долж и попреку“, а јавноста да ракоплеска, државата дури и да наградува, медиумите да објавуваат „интервјуа“ во коишто де факто целата ситуација ја гледате соголена ама никого тоа не го допира и никој ни на тоа не реагира … Мамини и татини синови и ќерки, партиски пајташи и миленичиња, нивни роднини и блиски, врз основа на стекнатите права господарат со македонската култура! Такво нешто нема, ниту пак имало во нормалните европски демократии.

Паралелно со ваквата окупација на институциите, особено виталните – националните, слични процеси се случуваа(т) и во државниот орган надлежен за работите во културата. Таму на бранови се случуваат етно-партиски опсади, во континуитет со промените на челните позиции. Заради тоа, денес таму имате сѐ друго освен стручен кадар кој би ги сервисирал културните политики. (За среќа, ни нив – културните политики – ги нема, така што тие и немаат којзнае што да работат!). Едновремено, таму одамна до совршеност функцинира највисокиот можен вид на клиентелизам наречен „политички монопол“: немериторно државно вработување за глас на избори!

Ваквите „стекнати права“ понатаму се инсталираат и во распределбата на културниот буџет и на годишните конкурси за финансирање на културата, каде во континуитет од безмалу две децении гледате исти имиња – претплатници на субвенции од државата, независно од постигнатите резултати кои најчесто се не-резултати! Отсуството на критиката односно нејзината намерна елиминација од македонската културна сцена само дополнително го стимулира, дури охрабрува овој посебен тип на киентелизам и абонаментност во културата. Дури и во областите кадешто сепак функционира јавната критичка мисла, како на пример во филмот, гледате дека нештата воопшто не се менуваат а традиционалните клиенти секоја година по неколку пати се редат во редот за субвенции. Или, ако сакате, ние дури и после три години од смената на власта немаме детална анализа на потрошените пари не само во филмот туку и во културата во целост, на оправданоста на висината на добиените средства, нивната операционализација и краен ефект/резултат, итн.

Оттука, сѐ дури кај нас господарат таинствени (или премолчани) меѓупартиски договори за поделба на „сфери на интерес“ во културата, сѐ дури културната но и другата јавност тоа го прифаќа како нормално односно како дадена непроменлива константа, сѐ додека системската дисфункционалност (ќе) се оправдува со неопходноста од „правична застапеност“, македонската култура ќе тоне. Ќе тоне длабоко, многу длабоко, немерливо ќе пропаѓа во мочуриштето на неуките, неспособните, нестручните и некомпетентните. Она без што македонската култура навистина не може се нови модели на функционирање и „стручна застапеност“, „компетентна застапеност“ којашто барем делумно ќе регулира некои наследени неодржливи ситуации.

Извор: Теодосиевски уметност

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...