Барам од надлежните институции ефективно, брзо и темелно завршување на истрагата почитувајќи го начелото на презумпција на невиност. Ако има докази, да се поднесат обвиненија за сите инволвирани без разлика дали се носители на јавни функции или не. Освен кривично-правната одговорност, доколку има друга, било каква поврзаност со случајот, во смисла на давање на заштита на лицата под истрага, инсистирам и на политичка одговорност на политичарите, независно дали се од власта или од опозицијата. Во овој контекст е најдобро, сите оние чии имиња се споменати, независно дали со основ или намерно, само со цел да бидат дискредитирани, самоиницијативно да дадат изјави пред надлежниот обвинител со цел да покажат дека пред законот и пред јавноста сме сите исти. Јавноста има право да ги знае нашите ставови, дури и ако се работи за најневеројатни конструкции или шпекулации произведени со нечесни намери, изјави денеска претседателот Стево Пендаровски на прес конфернеција.
– Изминатиот месец сме сведоци на една огромна криминална афера која ги тресе темелите на важни државни институции и ја доведува под прашање уште повеќе од досега довербата на граѓаните во нас и во самата држава. Уште во самите почетоци кажав дека сум разочаран од тоа што го слушнав и повикав на брза и темелна истрага. Наместо тоа надлежните отидоа на годишен одмор како да се работи за редовна состојба и рутински предмет, а не е така. Аудио снимките предизвикуваат длабоко разочарување кај сите граѓани. Револтот кај граѓаните е огромен и сосема оправдан. И јас како грѓанин, не само како претседател, сум разочаран што се изневерени и моите очекувања од луѓето од кои очекуваав да се борат за правна држава – рече Пендарoвски.
Тој очекува зголемен мониторинг од медиумите и внимателно да се пласираат информациите добиени од разни страни. Дава целосна поддршка на обвинителите и на судот со цел како претседател да ја сочува националната безбедност од обиди за нејзино нарушување било од надвор, било од внатре.
Тој додаде дека од она што е досега познато вмешани се луѓе од разни профили и побара одговорност за сите за кои ќе се докаже вина.
– Индивидуалната одговорност на еден обвинител не може да го доведе во прашање целото Специјално јавно обвинителство. Не се сите обвинители во СЈО и во ЈО корумпирани. Во оваа држава има доволно луѓе чесни и со образ – рече тој.
На прашање дали е разочаран од Катица Јанева, Пендаровски одговори:
-Да, разочаран сум.
Во однос на тоа дали „Рекет“ може да влијае на добивање датум за предговори со ЕУ, претседателот кажа оти засега нема такви информации, но мора да дуваме и на јогурт.
– Во овој момент, според информациите кои ги имам, нема промена во ниту една земја членка во насока да го ревидира својот став, знаеме дека одложувањето во јуни-јули беше од технички причини поради процедурите во Бундестагот. Но, мораме да дуваме и на јогурт, не смееме да се опуштиме, и помали афери од оваа може да се повод за такво нешто – рече Пендаровски.
Видео: МИА