Стево Пендаровски ќе биде заедничкиот кандидат за претседател на СДСМ и ДУИ, потврдуваат партиски извори.
Социјадемократите вечерва ги разгледуваат кандидатурите на 24 кандидати кои се пријавиле на огласот што го распиша партијата и преовладувало мислењето дека Пендаровски е најдобриот кандидат за претседател на државата.
Лидерот на СДСМ Зоран Заев, на излегување од партиското седиште рече дека на средбата со коалициските партнери и со ДУИ во хотелот Хилтон во Скопје, ќе го соопшти предлогот на СДСМ и дека очекува поддршка.
Пендаровски беше кандидат на СДСМ и на претходните избори.
Се очекува одлуката на СДСМ да биде потврдена и од ДУИ.
Кандидатот СДСМ ќе го промовира на конгрес в недела.
Премиерот и лидер на СДСМ Зоран Заев и претседателот на ДУИ Али Ахмети во средата постигнаа договор за заеднички претседателски кандидат, кој се очекува да биде поддржан и од Алтернатива и ДПА, како и други партии.
Алијансата за Албанците и БЕСА, пак, соопштија дека ќе ја поддржат номинацијата на амбасадорот и универзитетски професор Блерим Река.
Тој од вчера се приклучи на списокот со официјални кандидати за претседател на кој е и Гордана Силјановска Давкова, зад чија кандидатура застана опозициската ВМРО-ДПМНЕ.
Првиот изборен круг за шестите претседателски избори е закажан за 21 април, а вториот ќе се одржи на 5 мај.