Стајковци сѐ уште под закана од поплави

Општина Гази Баба работи на проект со кој треба да се реши проблемот со поплавување на Стајковци за подолг период.

774

Вчерашното невреме и поплавените ниви, дворови и подрумски простории во неколку куќи во Стајковци повторно го актуелизира проблемот на несоодветното решение на обиколницата и каналот за наводнување во овој дел од општина Гази Баба.
Од општината велат дека вчера имало мало излевање на вода од каналот и биле поплавени неколку ниви, а во Стајковци биле поплавени неколку дворови и подрумски простории.

– Каналите во овој дел од општината се чистат редовно, но проблем е тоа што нивото на каналот кај Стајковци е повисоко од она на обиколницата. При реконструкцијата на обиколницата направена по големата поплава од 2016 година работено е само на коловозот и обиколницата, но не е решен проблемот на различното ниво на двата објекта каналот и обиколницата – велат од општина Гази Баба.

Оттаму додаваат дека веќе се работи на решение на проблемот.

– Се работи на проект заедно со владата и се надеваме дека за одреден период ќе се реши ова прашање – велат од општина Гази Баба.

Дополнително, Општината веќе има и подготвено стратегија со која за неколку години треба да го реши проблемот на слевањето на водите од Скопска Црна Гора.

– Скопска Црна Гора со одлука на Советот на општината е прогласена за ерозивно подрачје кое со заедничка активност на повеќе институции и општината треба да се пошуми. Во меѓувреме, се работи на редовно чистење на каналите во регионот. Но сето тоа нема брзо да ја реши опасноста од излевање на коритото и секако од можноста од поплави – велат од општината.

За време на вчерашното невреме имало излевање на канализација во населбата Ченто, како и поплавени ниви, дворови и неколку подрумски простории во Стајковци, а биле поплавени и две куќи во Црешово. На обиколницата, како што тврдат од општина Гази Баба, имало само мало излевање на вода.

 

 

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...