Шведската Влада високо ја вреднува работата на Специјалното јавно обвинителство. Продолжувањето на досегашните истраги, обвиненија и случаи треба да биде обезбедено, пренел амбасадорот на Шведска во Република Северна Македонија, Матс Стафансон на средбата со специјалната јавна обвинителка Катица Јанева и нејзините соработници.
Како што соопштија од Шведската амбасада, Стафансон нагласил дека Шведска и другите земји членки на Европската Унија одблиску ги следат преземените чекори за измените на Законот за јавното обвинителство, со кои СЈО би станало постојан дел на правниот систем на Северна Македонија и во иднината би требало исто така да има проширен мандат за делување со други случаи на корупција на високо ниво.
Амбасадорот Стафансон ги поздравил позитивните промени кои се случуваа во изминатиот период во нашата земја и нагласил дека се уште постои силна потреба за справување со корупцијата на високо ниво и за истражување на бројните индикации за злоупотреба на моќ, кои произлегуваат од снимените комуникации.
– Во овој контекст, СЈО мора да ја задржи својата круцијална улога преку осигурување на неговите капацитети и независност. Бидејќи има јасно влијание врз ЕУ перспективата на Северна Македонија, политичките партии и Собранието би требало да го решаваат ова прашање со огромна итност – порачал Стефансон на средбата со Јанева.