Е сега, ако, како будали од некоја резевна категорија на Сафон – не онаа резервирана за Бачев и придружната пациентажа, (иако, во крајна линија, будала си е будала) – настојчиво, безмалу секојдневно зборуваме, да не речам мелеме, иако однапред знаеме дека ни има кој да не’ чуе ниту пак, како полоша варијанта, сака да не’ чуе, зошто тогаш по ѓаволите, си го арчиме времето? Или зборуваме за оние „мудрите“ кои, нели, слушаат? Не бре брате, тие веќе не се слушаат ни самите себеси, камоли нас. Тоа е таква гнилеж залегната во државните мануковски јасли замотана во ќебенца да им ги топли старите коски, што на човек му е и помило дури и да не влезе во нивниот видокруг, или увослух. Но добро, тоа можеби е вечното прашање на духот: зошто се прават некои работи, иако – не мора? Ниту пак некој ги бара од вас. Не знам, немам вистински одговор, можеби некој од мојата категорија будали, некој од тврдоглавото друштво кое секој ден се обидува некому нешто да посочи, би умеел подобро да каже? Којзнае, можеби тоа е вербата дека некој, барем еден, сепак ќе прифати некакви аргументи наместо оние нивни веќе ладно сервирани будалаштини? Ене, оној вели „Коце, врати се. Толку“. Ок, добро, ама зошто да го вратиме, да не се трансформираше Коце во некаков мисионер? Или да го вратиме за да доупропасти она малку што не успеа, она премалку што остана од културно Скопје? Пак да ја направи „плажана“ и повторно да ја растури? Со наши пари? Да крене уште некој споменик, на едикојси од нивната „историска“ злосторничка банда? Или да го доврши процесот наречен „пловен Вардар“, ама сега со некоја подморница во која што, веројатно, би се криело раководството кога ќе доаѓаат да ги апсат, полека но сигурно? Каде тоа Коце може да се врати? Не знам каде може да се врати ама сите знаеме каде му е местото. Иако изгледа не му дошло времето, ама ќе биде и тоа, полека но сигурно. Прво почнаа од општините, демек од „помалите“. Освен, можеби, ако повикот за некакво негово враќање не е врзан со фамозниве комарци? А што, во негово време немаше комарци па сега го повикуваме како божем некаков стручен спас? А можеби и немало: кога ќе го видеа, и тие кутрите бегаа уџум! И кому вие сега ќе објаснувате нешто за тоа што е град, што е држава, што е закон … и дека сето тоа не е исто што и партија, уште помалку партиска врхушка? Загубена работа, ама некој мора да ја (с)работи. И токму затоа, можеби, Сафон не’ есапи за будали, иако, се надевам, малку помали, или барем поинакви од оној Бачев и пациентажата, сосе оние егземпларни „ликови“ во Собранието.
Или, ако баш сакате, се потресе некој нешто околу извештајон на GRECO (Group of States against Corruption), па наместо да го вика Коцета да си ја повика врхушката на одговорност? Не, а и зошто би?! Та нели сме имплементирале дури 6 од бараните 19 препораки? И што мислат тие, дека ние сме као „на копче“ и кога ќе го притиснеш – се разрешуваат односно исполнуваат сите нивни барања? А комарците, а жештината, а спогодбата со Грција, а референдумот …? Мисли ли некој од нив дека ние и тоа треба да го сработиме? Е па – кога? Денот има само 24 часа, а годината 365 дена. Таа ЕУ или тоа ГРЕКО (што премногу асоцира на најголемиот ни непријател, а и ништо чудно сето ова да е нивно маслиново масло) нека измислат подолги денови или години со повеќе такви подолги денови, па да правиме муабет за имплементации! GRECO „играше“ само еден ден како некаква надве-натри вест, очигледно од никого посакувана и со нескриена желба бргу да се заборави. А што, повторно, злосторничконо здружение кое никогаш не спие – како бе издржуваат, или толку маки сон не ги фаќа? – успеа да го заврти во своја полза: за ова е крива власта! Која власт? Па се знае која, оваа, актуелнава, зашто во Македонија секогаш имало само една власт. Она нивното не се брои, тоа му доаѓа како време на наше спасение, наше освестување, со нивна помош. Еден вид мисија, нели. А помошта и мисионерството – коштаат, брате, коштаат многу, особено таков вид национална, надградена и проширена помош на сите новои, по хоризонтала и по вертикала. И никој да им противречи! Иако GRECO говори за препораки дадени пред 4,5 години, што ќе рече токму во времето на нивната „мисија“ во нашата држава.
А GRECO кажува прекрасни работи. Не ни се допаѓаат? Е па, видете, не може баш се’ да ни се допадне. На пример, ни кажуваат дека нашите перформанси во оваа фаза се „јасно разочарувачки“. Дури, велат тие, со сета почит кон Парламентот, но тие таму не спровеле ама баш ниту една нивна препорака! А оној „стручњакон“ го вика Коцета назад?! Можеби, онака мисионерски, да ја испрска и групава со отровите за комарци?
Но, да се вратам на почетокот: дали, можеби, во групата будали на Сафон спаѓаат и вакви изговорени нешта? Не мислам на „стручњакот“ туку на извештајот на групата, како впрочем и на безброј други такви и слични што сме ги добивале од други групи, од званични органи и организации, од професионални асоцијации и слично, а на кои што сме гледале со огромна доза на потценување, дури со потсмев, токму како да доаѓаат од некакви будали кои не знаат што да прават со своето време па пишуваат такви глупости за нас. А ние – совршени! Толку совршени што не умееме да исчистиме ни еден пишлив избирачки список, каде во еден стан од 30 квадрати се’ уште „виреат“ и по педесетина граѓани, сите со гласачко право. И пак ќе имаме околу 1,8 милиони гласачи. И ДИК вели дека тие биле спремни за референдумот. Машала! Пак цел свет ни се смее, по којзнае кој пат. Не знаеме дури ни кој треба да ја води јавната кампања за претстојниот референдум. Лудакон од Водно, пак, не сака да се сретне со врховниот командант на НАТО. Ова му биле единствени денови за одмор. А на одмор е цели девет години, континуирано! И ние само се смешкаме.
Да не ни преседне смешкањето, да не испаднеме навистина општество на зборлести будали, молчаливи кукавици и мудри идиоти кои веќе не се слушаат ни себеси? А во такво опкружување одлично играат секакви банди, бивши и сегашни, што всушност веќе беше наша видена приказна во изминатава деценија и нешто повеќе. Толку!
извор: Теодосиевски уметност