Стариот јавор криел ќупови со злато во Валандовско (ГАЛЕРИЈА)

Кај љубителите на природата, сепак најголемо внимание предизвика стариот јавор. Внатре во него може да се влезе, бидејќи стеблото му е шупливо. Легендата вели дека токму таму, во шуплината, било сокриено и пронајдено богатството.

1692

Голема количина злато била откопана во стеблото на стариот јавор над Валандово. Околу времето, тежината на златото и староста на атрактивното дрво, се плетат најразлични приказни. Тие приказни викендов можеа да ги слушнат и околу триста планинари, кои планинареа околу четири часа со попатни паузи и поминаа десетина километри по козји патеки, во срцето на планината Плавуш. Меѓу нив и една млада Американка. Сите беа воодушевени од природата. Од 7, до 77 години. Најмлад учесник во акцијата беше 7-годишниот Ѓорѓи Ангелков од Неготино.

Тргнавме од Валандово, па преку Лукова чешма, Песо поле, Шарена чешма, извор Свети Петар и Павле, манастирот Свети Ѓорѓи, се вративме повторно на стартната позиција. Времето ни минуваше низ планинарска дружба, шеги и анегдоти. Застанувавме да се одмориме на нагорнините, а со муабетот целата патека ни изгледаше полесна. Заборавивме на животните проблеми, на мобилните, кои ги вадевме само кога требаше нешто да фотографираме. Времето не беше ниту топло ниту студено, ами баш таман за да уживаме во него додека ги гледаме убавините кои ги нуди планината. На почетокот од авантурата сретнавме голем број маслинови дрвца, дрвја со јапонски јаболка, калинки, а погоре шипки и чај од диво нане од природата.

Познавачите на крајот раскажуваа дека крај изворот Свети Петар и Павле, пред околу 100 години имало 10-15 воденици. Сега од сите нив, само една има останато, како спомен, како градба. Од другите, нема ни трага.

Кај љубителите на природата, сепак најголемо внимание предизвика стариот јавор. Внатре во него може да се влезе, бидејќи стеблото му е шупливо. Легендата вели дека токму таму, во шуплината, било сокриено и пронајдено богатството.

– Поради тоа, велат, е и шупливо стеблото. Во дрвото внатре може да влезат 10-15 луѓе. Злато се барало и во околината, некои злато, други ќупови со жито, кој каква среќа имал. Во близина има антички град, регистриран локалитет, ама нема вршено ископување. Затоа поединци сметаат дека таму има злато и одат да бараат – за Плусинфо рече Зоран Костадинов, претседател на планинарското друштво „Југ“ од Валандово, кое беше организатор на маршот, по повод ослободувањето на градот.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...