Од 6 ноември, кога е познато дека ќе се формира техничка влада досега се распишани огласи за 4.131 работно место во државната управа, преку Агенцијата за вработување и Агенцијата за државни службеници, изјави денеска дополнителна заменичка министерка во Министерството за информатичко општество и администрација, Невенка Стаменковска Стојковски.
Таа посочи дека во услови кога забелешките се дека државната администрација е превработена и гломозна, со овие вработувања се прави, како што вели, брутална партизација на државниот апарат. Од наведената бројка нови работни места – 911, се во владини институции, Генерален секретаријат, Министерство за економија, Министерство за финансии, Министерство за земјоделие, како и во претпријатија кои, вели таа, имаат проблем со исплата на плати, како што се Македонски железници.
– Платите за дел од распишаните места се движат и од 40 илјади, па до 60 илјади денари. Овие огласи по нивниот обем и начинот на кој се распишани, за само два месеци, не се ништо друго туку само начин на изборно корумпирање и купување на мир во владејачката партија. Сето ова ќе биде на товар на граѓаните, но и на сметка на квалитетни кадри кои ќе останат запоставени и тргнати на страна. Ревизијата која е во тек ќе ги испита сите неправилности при распишувањето на овие огласи и давањето на согласности. И онаму каде ќе има отстапување ќе побарам нивно поништување – рече дополнителна заменичка министерка Стаменковска Стојковски.