Регионалниот Договор за намалување на цените во роаминг денеска во Белград го потпишаа ресорните министри задолжени за дигитализација од земјите од Западен Балкан.
Согласно договорот, намалувањето на цените ќе почне од ова лето, а целосно ќе биде укинат кон средината на 2021 година.
-Тоа значи дека максималните малопродажни надоместоци за роаминг услугите во регионот на Западен Балкан ќе бидат доведени до нивото на цени во согласност со правилото „како дома“, односно соодветно на правилата за „роаминг како дома“, кои се применуваат во Европската унија, не подоцна од 1 јули 2021 година. Државите се обврзаа да ги преземат сите потребни подготвителни чекори – велат од Министерството за информатичко општество и администрација.
Со Договорот се предвидува да се воведе преоден режим за роаминг услугите почнувајќи од 1 јули 2019 година.