ССНМ: Остра осуда за онлајн нападите врз новинарката Бурнс

312

Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници најостро ги осудува нападите, навредите и онлајн малтретирање врз новинарката на Слободен печат, Мирослава Бурнс, од страна на вработен во Царинската управа на Македонија.

Новинарката Бурнс на телефонската линија на ССНМ за помош при напад врз новинари, вчера (29.02.2020) пријави дека откако напишала статус на социјалната мрежа Фејсбук оти пациентката заразена со корона вирус не треба двојно да се виктимизира, извесен Ласте Ивановски, вработен во Царинската управа упатил низа последователни навреди со крајно недолични зборови.

Ваквите напади и онлајн малтретирање се неприфатливи, воопшто, а особено се неприфатливи кога доаѓаат од државни службеници кои го претставуваат лицето на институциите кои треба да бидат во служба на граѓаните.

ССНМ стои на ставот дека нападите и навредите кон новинарите се напад и врз слободата на говор и на изразување, а со тоа и на развојот на македонската демократија и затоа треба да бидат брзо и одлучно санкционирани со цел обесхрабрување на потенцијалните нови напаѓачи.

Бурнс со поддршка на ССНМ во текот на денот ќе го пријави нападот и официјално во полиција, а Синдикатот истовремено ги повикува институциите, особено Министерството за внатрешни работи, веднаш да реагираат согласно своите надлежности за да се спречат какви било понатамошни напади и навреди врз новинарите. ССНМ ја повикува и Царинската управа да преземе соодветни санкции против нивниот вработен за ова недолично и недозволиво однесување.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...