ССНМ: Новинарите да не се попречуваат да известуваат за гласањето

ССНМ апелира избирачките одбори, набљудувачите и сите инволвирани во избирачкиот процес да се однесуваат љубезно и достоинствено и да ги почитуваат процедурите, Изборниот Законик, насоките и правилниците на Државната изборна комисија и да не ги попречуваат новинарите во нивната работа која е од огромно значење за целокупниот демократски амбиент и за одржување слободни и демократски избори.

61

Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници (ССНМ) во текот на изборниот ден на бесплатниот телефон за помош при напад на новинари (0800 11 011) доби пријава од новинарка која била попречувана во нејзината работа при следењето на изборниот процес.

Новинарка на Порталб.мк во два наврати пријави дека помеѓу 11.30 и 12.30 часот била попречувана при вршењето на својата работа на две избирачки места во општина Чаир – во основните училишта „Имре Елези“ и „Петар Здравковски – Пенко“, каде што не и било дозволувано да фотографира, и не биле прифатени нејзините барања да добие изјави од претставник на избирачки одбор и покрај нејзините укажувања на насоките од Државната изборна комисија за непречено и задолжително давање на информации на новинарите. На избирачкото место 2961/1 таа се соочила и со низа навреди од лице кое не се претставило и чија улога на избирачкото место не била јасно видлива, а дури била повикана и полиција со оправдание дека новинарката го попречува изборниот процес. Откако новинарката пријавила во ДИК, ситуацијата се смирила, а изјава за текот на избирачкиот процес добила на едно избирачко место по низа инсистирања и укажувања.

ССНМ апелира избирачките одбори, набљудувачите и сите инволвирани во избирачкиот процес да се однесуваат љубезно и достоинствено и да ги почитуваат процедурите, Изборниот Законик, насоките и правилниците на Државната изборна комисија и да не ги попречуваат новинарите во нивната работа која е од огромно значење за целокупниот демократски амбиент и за одржување слободни и демократски избори.

ССНМ потсетува дека новинарите можат во секој момент да пријават какви било попречувања на нивната работа, закани, навреди, физички или вербални напади на бесплатниот телефонски број 0800 11 011.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...