Полицијата ја пронајде и ја уапси мајката за која постои сомнение дека вчера го оставила штотуку роденото бебе во контејнер во Белград. Вака изјави денеска српскиот министер за внатрешни работи, Небојша Стефановиќ.
Тој им кажа на новинарите дека на мајката и е одредено задржување до 48 часа. Се очекува таа да одговара за тешко кривично дело и дека Обвинителството ќе бара да и се одреди притвор, пренесуваат српските медиуми.
– Не може да се опише чувството кога ќе најдете во контејнер мал живот. За среќа, детето е живо и е под надзор на лекари – рече Стефановиќ.
Тој додаде оти му е жал што луѓето не разбираат колку поединци се борат да имаат деца, колку се мачат и сакаат да посвојат дете, а тогаш некој ќе направи ваков, како што рече министерот, монструозен потег.
– Како родител, не можам да го сфатам тоа некој да се откаже од малечкото – рече Стефановиќ.
Тој нагласи дека му е многу мило што детето е живо и здраво.
– На кривичните санкции никој не им се радува, но тие се неопходни за да се покаже дека такво нешто не смее да се случува – подвлече тој.
Министерот се заблагодари на сите што веднаш реагирале за бебето да биде згрижено.