Потпретседателката на српската Влада и министерка за градежништво, Зорана Михајловиќ денеска оцени дека иницијативата за „мал Шенген“ може да донесе просперитет и подобар живот за граѓаните во Србија, Северна Македонија и Албанија, и истакна дека не гледа причина зошто не би се криклучиле и Црна Гора и Босна и Херцеговина.
– За Србија, која денес е економски и политички стабилна држава, опкружена со бројни соседи, многу е важно да се поврзе со регионот и заедно да настапува на поголемите пазари. Ова е суштината на „малиот шенген“, да се обединиме затоа што тоа ја зголемува можноста за развој, преговори со другите и подобар живо“ – изјави Михајловиќ.
Како што јави дописникот на МИА од Белград, таа објаснувајќи го значењето на „малиот Шенген“ за Србија, кажа дека не треба да заборавиме колку секоја од земјите во регионот е мала , што ги отежнува шансите за понатамошен развој.
– БДП на сите пет земји во регионот изнесува 100 милијарди долари. Колку е малку ова, ќе објаснам со фактот дека вредноста на батериите за електричните автомобили кои му се потребни на Фолксваген изнесуваат 40 милијарди долари. Важно е да се поврзуваме и да бидеме предводници на развојот во регионот. „Малиот шенген“ е шанса да се развиваме, да живееме подобро и луѓето да останат да живеат на овие простори – се наведува во соопштението од кабинетот на Михајловиќ.
Таа додаде дека инфраструктурното поврзување е највидливо и дека покрај транспортот, треба да се развијат и енергетската и телекомуникациската инфраструктура.
Во Србија деновиве повеќе министри ја објаснуваа иницијативата на српскиот претседател Александар Вучиќ дадена при неговиот настап на Генералното собрание на ООН во Њујорк, кој најави дека премиерте Зоран Заев и Еди Рама доаѓаат во Србија на 9 и 10 октомври на состанок посветен на отстранување на царинските бариери или како што кажа, со нив „ја иницирал идејата за понатамошно отстранување на различните бариери за водење бизнис на територијата на трите држави и слободниот проток на стоки, луѓе и услуги, односно создавање на еден вид „мал Шенген“.