Српската Антикорупциска комисија препорача разрешување на министерот Кркобабиќ поради судир на интереси

Министерот без ресор задолжен за јавните претпријатија, за време на вршење на функцијата, учествувал во донесување на одлука на владата со која неговиот син Стефан Кркобабиќ е назначен за в.д. директор на ЈП „Стара Планина“.

287
ФОТО: EPA/KOCA SULEJMANOVIC

Агенцијата за борба против корупцијата на Србија препорача разрешување на Милан Кркобабиќ од местото министер без ресор задолжен за јавните претпријатија во српската влада, бидејќи за време на вршење на функцијата учествувал во донесување  одлука на владата со која неговиот син Стефан Кркобабиќ е назначен за в.д. директор на ЈП „Стара Планина„.

Како што е наведено во Одлуката, министерот не ја известил Агенцијата за конфликт на интереси што го имал во таа ситуација, иако според законот бил должен да го стори тоа. Против оваа одлука министерот Милан Кркобабиќ има право на жалба.

Како што откри истражувачкиот тим на новинари на Инсајдер.нет, на седница на владата на Србија на 30 мај, Стефан Кркобабиќ е именуван за в.д. директор на ЈП за развој на планинскиот туризам „Стара Планина“. Логично се поставило прашањето за можен судир на интереси, затоа што неговиот татко Милан Кркобабиќ е министер во Владата, задолжен за координација на работата на јавните претпријатија, објави Инсајдер.

Откако оваа информација беше објавена во медиумите, Агенцијата за борба против корупцијата покрена постапка против Милан Кркобабиќ. Како што е наведено во првостепената одлука на Агенцијата, тој изјавил дека бил присутен на седницата на Владата на која е одлучено именувањето на неговиот син, како и дека немало оправдани причини за неговото отсуство, што, како што претходно го има наведено, се службени патувања, болести и слично. Антикорупциската агенција заклучила дека Стефан Кркобабиќ во однос на Милан Кркобабиќ има својство на поврзано лице.

Министерот Милан Кркобабиќ е претседател на Партијата на обединети пензионери, која е во коалиција со владејачката Српска напредна партија, а неговиот татко, основач на партијата, Јован Кркобабиќ исто така беше министер во владите на Александар Вучиќ.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...